Alperen Aktaş
14 Февруари 2025•Ажурирај: 14 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес предупреди на каков било мировен договор без учество на Киев, откако американскиот претседател Доналд Трамп се согласи со рускиот колега Владимир Путин „веднаш“ да започнат преговори со цел ставање крај на тригодишната војна во Украина, јавува Анадолу.
Во обраќањето на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски ја отфрли идејата за мировен договор постигнат на собирот. „Во Минхен не може да се потпише мировен договор - се сеќаваме што беше потпишано овде порано“, рече тој, мислејќи на Минхенскиот договор од 1938 година, кој не успеа да го одврати Хитлер и не ја спречи Втората светска војна.
Тој повика да не се прават напори да се преговара за крај на војната без учество на Украина. „Да се направи договор без нас или без Европа, не е добра идеја, и се надевам дека претседателот (Доналд) Трамп ја нема оваа идеја“, истакна Зеленски.
Украинскиот претседател ги истакна своите фрустрации поради неуспехот на НАТО да ја внесе Украина во Алијансата и покрај долгогодишните разговори. „САД никогаш не нѐ гледаа во НАТО; тие само зборуваа за тоа. Тие навистина не нѐ сакаа во НАТО. Никогаш не сум слушнал дека ќе бидеме во НАТО, никогаш!“ рече тој.
Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, во средата им кажа на своите европски колеги во Брисел дека администрацијата на Трамп смета дека враќањето на границите на Украина од пред 2014 година е „нереална цел“. Тој, исто така, ја отфрли можноста за членство на Украина во НАТО.
Украинскиот лидер ја нагласи воената моќ на Киев, тврдејќи дека неговата земја веќе игра клучна улога во европската безбедност. „Украина не е во НАТО, но има силна армија. Можеме да го зајакнеме НАТО насекаде, и мислам дека ова е од заенички интерес“, рече тој.
Зеленски ја истакна и потребата од значителна воена експанзија доколку Украина остане надвор од Алијансата. „Ако не се приклучиме во НАТО, тогаш мораме да ја удвоиме големината на нашата армија... Ни треба армија од 1,5 милиони војници ако не сме во НАТО - тоа е единствената вистинска безбедносна гаранција“, додаде украинскиот претседател.