Mehmet Alaca
01 Септември 2021•Ажурирај: 02 Септември 2021
АНКАРА
Ураганот „Ида“, што ја погоди американската држава Луизијана, предизвика голема штета во некои региони, известува Агенција Анадолија (АА).
Поплавите предизвикани од ураганот и силните ветрови ги оштетија далноводите во градот Њу Орлеанс во американската сојузна држава Луизијана.
Додека илјадници работници работат на поправка на далноводите, американските власти соопштија дека вложуваат напори да обезбедат бесплатна храна за локалното население погодено од прекинот на електричната енергија и водата, проблемите со храна и гас, како и од големата топлина.
Латоја Кантрел, градоначалничката на Њу Орлеанс, прогласи полициски час за да спречи евентуален криминал во ноќните часови, бидејќи ураганот ги оштети електричните мрежи и градот останал во темнина.
Во меѓувреме, ураганот „Ида“, што со силина од категорија 4 во неделата ја погоди сојузната држава Луизијана, предизвика масовни уништувања во градот Гранд Ајл во Луизијана.
Половина од околу 1.400 градби во градот претрпеа големи оштетувања или се урнати.
Главниот пат во градот е речиси целосно блокиран од песокта што вчера ја донесоа брановите заедно со плимата, а сериозно се оштетени и столбовите за електрична енергија.
- Откажан фестивалот за музика и уметност во Тенеси
Во американската сојузна држава Тенеси, Музичкиот и уметнички фестивал „Бонару“ во Нешвил е откажан поради обилните дождови што дојдоа заедно со ураганот „Ида“.
Организаторите соопштија дека не е безбедно да се вози или да се кампува, бидејќи просторот на кој требаше да се организира фестивалот е исполнет со вода.
Овогодинешниот фестивал, што се очекуваше да стартува на 2 септември, требаше да започне на просторот на еден стар ранч во Манчестер, кој се наоѓа на околу еден час југоисточно од Нешвил.