Ömer Tuğrul Çam
01 Јануари 2022•Ажурирај: 02 Јануари 2022
Франција на 1 јануари го презеде претседавањето со Европската Унија (ЕУ), што ќе трае шест месеци, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На чело на приоритетите на Франција во текот на овие шест месеци се наоѓа зголемувањето на автономијата на ЕУ.
Француската Влада соопшти дека „навистина ќе работат на тоа Европа да стане вистински суверена“. Инаку, вистинската сувереност се опишува како способност за постоење во светот со цел штитење на интересите и вредностите на ЕУ.
„Ако можам со една реченица да го резимирам француското претседавање, нашата цел е да преминеме од една Европа, која врши соработка во нашите граници, во Европа која во светот е целосно суверена и слободна во своите одлуки и својата судбина“, рече францускиот претседател Емануел Макрон во декември додека ги соопштуваше приоритетите на неговата земја.
Франција тврди дека е потребно Европа да ги контролира своите граници и повторно да ја регулира Шенген-зоната. Затоа, има за цел формирање механизам за итна гранична поддршка што ќе може да се активира во случаи на криза.
За време на француското претседавање, на 17-18 февруари во Брисел ќе се одржи Самитот ЕУ - Африка. Макрон во врска со ова истакна дека ќе ја вклучи Европа во борбата против тероризмот во Африка и дека ќе ја поддржува миграцијата меѓу Европа и Африка во областа на науката, културата и образованието.
Исто така, во овој период постои цел да се придава важност на создавањето нови можности за работа и на борбата против невработеноста. Во овие рамки, на 10-11 март во Париз ќе се одржи самит со цел Европа да стане континент на иновации, производство и создавање на вработување.
Франција ќе претседава со ЕУ до 30 јуни, додека на 1 јули 2022 година претседавањето со ЕУ ќе го преземе Чешка.