Aida Cako
02 Јуни 2025•Ажурирај: 03 Јуни 2025
СКОПЈЕ (АА) – Во Холандија, велосипедот е незаменлив дел од секојдневниот живот, користен од луѓе на сите возрасти – од седум до седумдесет години, јавува Анадолу.
Со население од 17 милиони, земјата има 23 милиони велосипеди. Според податоците на Холандската унија на велосипедисти, Холандија поседува 2,3 % од вкупниот број велосипеди во светот, кој се проценува на околу една милијарда.
Годишно, во Холандија се продаваат околу еден милион нови велосипеди, но најголемиот дел од населението користи велосипеди од втора рака.
Велосипедите се користат за различни намени: 31 % за рекреација, 22 % за на работа, 18 % за на училиште и 14 % за пазарење.
И покрај развиената велосипедска култура, земјата се соочува со проблем на кражби – годишно се крадат околу половина милион велосипеди. За среќа, постојат и програми за споделување велосипеди, со околу 22.000 велосипеди достапни на повеќе од 300 локации низ земјата.
Во 2018 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 3 јуни за Светски ден на велосипедот, со цел промовирање на неговото користење како здрав, еколошки и ефикасен начин на транспорт.
Меѓу најпријателските градови за велосипеди во светот се вбројуваат Утрехт и Амстердам во Холандија, Минстер во Германија, Антверпен во Белгија и Копенхаген во Данска.