Ceyhun Alizade
21 Септември 2022•Ажурирај: 22 Септември 2022
АНКАРА (АА) - Русија не е толку во војна со Украина колку што е со колективниот Запад, изјави денеска министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за каналот „Русија 24“, Шојгу зборуваше за делумната воена мобилизација што е започната денеска во Русија, нагласувајќи дека таа се спроведува за контрола на „веќе ослободените територии“.
„На делумна мобилизација се повикани околу 300.000 резервисти“, потврди тој.
Рускиот министер за одбрана рече дека седиштето на Западната команда е во Киев и раководи со воената операција во Украина.
Тој тврди дека повеќе од 1.000 странски платеници се борат за Украина и дека целата сателитска констелација на НАТО работи против Русија во Украина.
Истакна дека сите видови оружје на руската војска, вклучително и „нуклеарната тријада“, ја исполнуваат задачата што ја постави претседателот Владимир Путин како дел од операцијата.
По неколкумесечниот молк за руските загуби во војната, Шојгу рече дека во „специјалната воена операција“ во Украина од 24 февруари загинале 5.937 руски војници.