Mahmoud Barakat
11 Ноември 2018•Ажурирај: 12 Ноември 2018
САНА (АА) - Владата на Јемен го обвини денес бунтовничкото движење на Хусите дека цивилите во градот Ал Худајда ги користи како жив штит во борбите, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Борците на движењето на Хусите се распоредени по крововите на куќите во кои се наоѓаат цивилите, а за воените активности ги користат јавните објекти како училиштата, болниците и верските објекти“, се наведува во соопштението на јеменското Министерство за човекови права на Јемен.
Во соопштението кое го пренесе јеменската новинска агенција САБА, проиранското шиитско движење на Хусите се обвинува за воено злосторство и грубо кршење на меѓународното право и норма за заштита на цивилите.
Од Министерството понатаму наведуваат дека ги собираат доказите за сите злосторства на бунтовниците, вклучувајќи го и принудувањето на малолетниците за учество во борбите.
Бунтовничкото движење на Хусите досега не се огласи по повод обвиненијата.
Јемен е средиште на длабока и политичка безбедносна криза која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна.
Бунтовничкото движење на Хусите го контролира главниот град Сана и уште неколку важни региони во земјата, а меѓународно признаената јеменска Влада функционира од пристанишниот град Аден.
Судирите во Јемен дополнително се интензивираа во март 2015 година кога Саудиска Арабија со своите сојузници започна со воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Во војната е уништена инфраструктурата на земјата, вклучувајќи го здравството, водоводната мрежа и канализацијата, поради што ОН ја опишаа ситуацијата во оваа заливска земја како една од најлошите хуманитарни катастрофи на модерното време.