Fatjon Cuka,Malik Hasa
06 Септември 2016•Ажурирај: 06 Септември 2016
СКАДАР (АА) - Денес, на стадионот „Лоро Боричи" во Скадар се одиграа преостанатите петнаесетина минути од натпреварот меѓу репрезентациите на Албанија и Македонија, во рамките на квалификациите за Светското првенство „Русија 2018“. Поради лошите временски услови, синоќешниот натпревар беше прекинат во 75. минута, на одлука на судијата, јавува Anadolu Agency (АА).
Натпреварот заврши со резултат 2:1 за домашната репрезентација. Со овој резултат, Албанија ги зеде првите три поени во групата Г од квалификациите за Светското првенство.
Синоќешниот натпревар меѓу фудбалските репрезентации на Албанија и Македонија беше прекинат во 75. минута, од страна на судијата и УЕФА делегатите, по што беше одлучено дека остатокот од натпреварот ќе се одржи денеска.
Првиот дел од натпреварот започна вчера, во 20:45, на реновираниот стадион „Лоро Боричи“, а беше прекинат кога резултатот беше 1:1.
Првиот гол на натпреварот го постигна репрезентативецот на Албанија, Садику, во деветтата минута од натпреварот, а во втората половина од натпреварот, во 51. минута, Алиоски постигна гол за Македонија, со што резултатот беше израмнет на 1:1. Победничкиот гол на натпреварот беше постигнат во денешниот дел од натпреварот, во 89. минута, од страна на албанскиот репрезентативец Балај.
На натпреварот судеше Хусеин Гочек од Турција.