Admir Fazlagic
21 Јуни 2021•Ажурирај: 22 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Капитенот на Македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев на денешниот натпревар против репрезентацијата на Холандија во рамките на ЕВРО 2020, ја заврши репрезентативната кариера, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во 68. минута од натпреварот на „Јохан Кројф Арена“ во Амстердам, селекторот на „црвено-жолтите" го извади Пандев од игра, а „Гранде Пандев" се прости од репрезентативниот дрес со солзи во очите.
Репрезентативците направија шпалир, од трибините со аплауз го испрати Снајдер, неговиот соиграч од Интер, стручниот штаб, како и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, кој го следеше натпреварот од трибините.
Пандев, кој има 37 години и уште е неизвесно дали ќе ја продолжи кариерата во италијанската Џенова, си заминува од репрезентацијата со рекордни 122 настапи и 38 постигнати голови.
Во текот на вчерашната прес-конференција Пандев во пресрет на натпреварот со Холандија, најави дека ова ќе биде неговиот последен натпревар во националниот тим.
„Ова е мој последен натпревар во дресот на Македонија. Оваа генерација го направи најголемиот успех во историјата на фудбалот во Македонија и сметам дека е вистински момент да се збогувам од националниот дрес. Им посакувам на овие момци уште многу успеси во иднина и сигурен сум, познавајќи ги нивните квалитети дека уште многу пати во иднина сите ќе не радуваат, рече Пандев.
Тој кажа дека е среќен што се збогува на еден ваков начин, на големо натпреварување.
„Среќен сум што се повлекувам на овој начин. Можам да кажам дека подобро збогуваање од дресот на Македонија на Европско првенство и не можев да посакам. Има емоции, но знам како да се носам со нив“, рече Пандев.
Во репрезентативниот дрес, Пандев дебитираше во 2001 година. Тој е рекордер по број на настапи и голови во репрезентативниот дрес.