Emrah Oktay
01 Август 2021•Ажурирај: 03 Август 2021
АНКАРА
ТОКИО (АА) - Италијанецот Ламонт Марсел Џејкобс победи на трката на 100 метри во машка конкуренција во атлетика, на 9-тиот ден од Олимписките игри во Токио 2020 година, известува Агенција Анадолија (АА).
На 32. Летни олимписки игри во Токио, главниот град на Јапонија, се одржа трката за мажи на 100 метри, што љубителите на атлетиката со нетрпение ја очекуваа.
Во финалето, на патеката излегоа Јужноафриканецот Акани Симбине, Италијанецот Ламонт Марсел Џејкобс, Британецот Жарнел Хјуз, Американецот Фред Керли, Кинезот Бингтијан Су, Американецот Рони Бејкер, Нигериецот Енох Адегоке и Канаѓанецот Андре де Грас.
Британецот во првиот старт истрча предвреме, поради што беше дисквалификуван. Во повторениот старт на трката Италијанецот Џејкобс успеа најбргу да ги истрча 100-те метри и со време од 9,80 секунди го освои златниот олимписки медал. Истовремено Џејкобс со оваа победа го собори и европскиот рекорд на 100 метри. 26-годишниот атлетичар ѝ го донесе на Италија првото злато во спринтерската дициплина.
Сребрениот медал го освои Американецот Керли со време од 9,84 секунди, додека со бронзениот медал се закити Канаѓанецот Де Грас.
Џејкобс е првиот Европеец кој има победено на 100 метри на Олимпијада, по Олимпијадата во Барселона 1992 година.
Британецот Линфорд Кристи победи на трката на 100 метри на ОИ во Барселона.
- По 89 години прв Азиец во финалето на трката на 100 метри на Олимписките игри
Од 6-тата позиција на трката трчаше Кинезот Бингтијан Су, со што се запиша во историјата како прв азиски машки атлетичар, кој по 89 години настапи во финалната трка на 100 метри на ОИ.
За последен пат, Јапонецот Така Јошиока настапи во финалната трка на 100 метри за мажи на Олимписките игри во Лос Анџелес 1932 година.