Dejan Maksimoviç
19 Декември 2015•Ажурирај: 19 Декември 2015
САРАЕВО (АА) - Португалскиот тренер Хозе Мурињо, не сака да се одмора откако во четвртокот доби отказ во лондонскиот Челзи, соопштено е од агенцијата која го застапува, јавува Anadolu Agency (AA).
Мурињо доби отказ поради лошите резултати на „сините“ во Премиер лигата. И покрај фактот што Челзи го донесе до осминафиналето во Лигата на шампиони, плати со работата поради 16-тото место во домашното првенство со само еден бод над зоната на отпаѓање.
„Мурињо нема да земе одмор, не е уморен и тоа не му е потребно. Тој е многу позитивен и веќе гледа напред. Нему му е мило што имаше задоволство по втор пат да биде менаџер на Челзи и на навивачите да им подари уште една титула шампиони на Англија по неколку години чекање. Тој е исклучително горд на сите осум трофеи кои ги освои со Челзи и им се заблагодарува на навивачите за огромната поддршка во текот на двата мандата во клубот“, пишува, меѓу останатото, во соопштението на Агенцијата која го застапува Мурињо.
Откако доби отказ, почнаа шпекулации околу тоа каде ќе ја продолжи кариерата Мурињо. Наводно, најмногу би сакал да го преземе Манчестер Јунајтед, на кој во последно време не му „цветаат рози“ на чело со Луис ван Гал. Отпаднаа од Лигата на шампионите, а во Премиер лигата се во серија на лоши резултати, иако го заземаат високото четврто место.
Како најсериозен кандидат за наследникот на Португалецот на клупата на Челзи се спомнува Холанѓанецот Гус Хидинк. Тој вчера престојуваше во Лондон каде разговараше со претставници на „сините“, но официјални информации за тоа дали Хидинк и по втор пат ќе го води Челси сè уште нема.