Dejan Maksimoviç
13 Октомври 2018•Ажурирај: 15 Октомври 2018
МОНАКО (AA) – Тиери Анри, некогаш одличниот француски фудбалер, именуван е за нов тренер на Монако. На клупата на Монако, славниот напаѓач на Арсенал ќе го замени Португалецот Леондаро Јардим, кој е сменет пред два дена, пренесува Anadolu Agency (AA).
На Анри, тоа ќе му биде прва самостојба тренерска работа откако во 2014 година ја заврши исклучително богатата играчка кариера. Интересно, 41-годишниот Французин со тренерската кариера ќе започне во клубот во кој тргна и со професионалната кариера на фудбалер.
„Со гордост и со радост можам да објавам дека ја прифатив тренерската позиција на АС Монако. Среќен сум што одбив неколку многу атрактивни понуди во последните месеци, бидејќи Монако е отсекогаш во моето срце. Во овој голем клуб ја започнав кариерата на фудбалер, а изгледа дека судбината е сега во него да ја започнам и тренерската. Неверојатно сум возбуден што ја добив оваа можност, но сега напорната работа мора да почне. Едвај чекам“, напиша Анри на својот профил на Инстаграм.
Додаде дека ќе мора да ја напушти улогата на помошник-тренер во стручниот штаб на Роберто Мартинез, селекторот на фудбалската репрезентција на Белгија.
„Со голема тага морам да се поздравам со репрезентацијата на Белгија“, порача францускиот тренер.
Анри својата кариера на фудбалер ја започна во Монако во 1994 година. Следуваше кратка епизода во Јувентус, а потоа осум извонредни сезони во Арсенал. Играше и за Барселона и за Њујорк РБ. За репрезентацијата на Франција, со која беше светски и европски шампион, одигра 123 натпревари и постигна 51 гол.