Ahmet Gençtürk
03 Октомври 2020•Ажурирај: 04 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Аргументите изнесени од Грција и кипарските Грци се неосновани според меѓународното право, порача турскиот потпретседател Фуат Октај, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Светот на крајот ќе ја признае правичноста на Турција“, рече потпретседателот Октај во интервју објавено во турскиот магазин „Критер“.
Осврнувајќи се на тензиите во Источниот Медитеран, Октај изјави: „Грција, администрацијата на кипарските Грци и Франција, империјалистичка земја без крајбрежје во регионот, имаат за цел да ја искористат Европската Унија (ЕУ) за нивната сопствена агенда под оправданието 'солидарност на Унијата'.“
Турскиот потпретседател истакна дека сегашната состојба во односите меѓу Турција и ЕУ е поврзана со фактот што некои земји членки го користат Блокот за своите политички интереси и својата агенда, поради што ставаат преграда на односите меѓу Турција и ЕУ.
„Под овие околности, рационалната опција за ЕУ е да ја преземе улогата на олеснувач постапувајќи непристрасно и праведно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на напорите на земјата да го спречи ширењето на коронавирусот, турскиот потпретседател нагласи дека Турција е меѓу земјите што се најмалку погодени од пандемијата поради успехот во справувањето со кризата.
Тој додаде дека земјата ги презема потребните економски мерки за минимизирање на негативниот ефект на пандемијата врз граѓаните на Турција.
„Пандемијата на Ковид-19 ги откри слабостите и недостатоците на меѓународните организации и институции. Ова е случај со Светската здравствена организација, Обединетите нации и Европската Унија“, рече Октај и ја изрази потребата од суштинска реформа на меѓународните организации.
Во врска со пограничните судири меѓу Ерменија и Азербејџан, турскиот потпретседател повтори дека Ерменија е таа која ги активира воените дејствија и неодамна го нападнала Азербејџан, со што уште еднаш покажала дека самата таа е најголемата пречка за мирот и стабилноста во регионот.
„Постојаните провокации и напади на Ерменците врз азербејџанско тло го принудија Азербејџан да го примени правото за самоодбрана, што произлегува од меѓународното право“, рече тој.
„Нагорно Карабах му припаѓа на Азербејџан. Азербејџан спроведува операции во рамките на своите меѓународно признати територии за да го заштити својот народ и да го поврати територијалното единство и мир“, заклучи Октај.