Dilara Hamit
03 Декември 2020•Ажурирај: 03 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Членството на Турција во Европската Унија (ЕУ) би било од корист на обете страни и би помогнало во решавањето на постојните проблеми, изјави висок турски официјален претставник, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на четвртиот панел на TRT World Forum насловен „Новата реалност и меѓудржавните односи по Ковид-19“, заменик-министерот за надворешни работи на Турција и директор за прашања поврзани со ЕУ, Фарук Кајмакчи, говореше за турската надворешна политика во светот што се менува, со нови предизвици.
Турција аплицира за членство во ЕУ во 1987 година, а пристапните преговори започнаа во 2005 година. Преговорите запреа во 2007 година, поради спротивставувањето од администрацијата на кипарските Грци на поделениот остров Кипар, како и поради противењето на Германија и Франција.
Кајмакчи истакна дека Турција е дел од Европа, но дека не видела доволно поддршка од ЕУ.
Тој рече дека резолуциите на Европскиот совет во октомври, кои значат дека Турција треба да ги исполни барањата на грчката и кипарската администрација, се неприфатливи.
„Чекаме сигнал од Грција и кипарските Грци за да ги решиме проблемите. Вие бевте сведоци на тоа како го отфрлија планот на Анан [предлог на ОН за ставање крај на кризата] во Кипар. Сите знаете дека малите острови или гребени во Егејот и Медитеранот не можат да ги имаат истите права како главниот континент.“
Тој додаде: „Ние сме отворени за дијалог и преговори... но Грција избегнува дијалог. Ако ЕУ го игнорира сево ова и продолжи во иста насока, сите ќе се соочиме со последиците.“
На сесијата присуствуваа и Франсис Џозеф Рикиардоне, поранешен амбасадор на САД во Анкара и Јоаким Битерлих, членови на одборот на Институтот „Жак Делорс“, како и Бурханетин Дуран, генерален координатор на турската Фондација за политички, економски и социјални истражувања.
Битерлих покажа загриженост за неодамнешните тензии во Источниот Медитеран, каде што Атина се противи на истражувањето на енергетските ресурси од страна на Анкара, додека Рикиардоне нагласи дека САД им даваат големо значење на односите меѓу ЕУ и Турција.