Eda Fatma Topçu
11 Ноември 2019•Ажурирај: 11 Ноември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за земјоделство и шумарство на Република Турција, Бекир Пакдемирли, изјави дека кампањата „Ден за иднината“ наишла на неверојатен интерес и одзив кај населението во Турција и истакна дека денес ќе бидат соборени два светски рекорди во садење садници, јавува Anadolu Agency (AA).
Пакдемирли во Истанбул го претстави проектот „Здив за иднината“, кој го координира Дирекцијата за шумарство на Турција под мотото „Денес садница, утре здив“. Во рамките на проектот, денес во 11:11 часот на 2.023 локации во сите градови на Турција во рок од три часа ќе бидат засадени 11 милиони садници.
„Во проектот влеговме со идејата да видиме дали можеме да засадиме 3 милиони садници, и застанавме на бројката од 11 милиони. Кампањата наиде на неверојатен одзив и веќе имаме 13 милиони подготвени садници. По најавата, денес ќе засадиме 11 милиони, а остатокот ќе го засадиме до крајот на месецот“, изјави Пакдемирли.
Тој нагласи дека ќе бидат соборени два светски рекорди, и тоа рекорд за најмногу засадени садници во еден час и рекорд за креирање на најголемата база на фотографии која граѓаните ќе ја направат. Рекордите ќе бидат пратени на разгледување и на Комисијата на Гинисовата книга на рекорди.
„Ќе го срушиме рекордот на Индонезија, во која за еден час се засадени 232.647 садници. Населението ќе го фотографира пошумувањето низ Турција и од тие фотографии ќе направиме најголем онлајн дигитален албум за садење садници“, изјави Пакдемирли.
Укажувајќи на сѐ поголемите проблеми со климатските промени во светот, Пакдемирли изјави дека Турција вложува големи напори во заштитата на животната средина и дека ќе продолжи со такви проекти.
„Ова убаво утро во Истанбул сакам да објавам уште една радосна вест: со одлуката на претседателот Реџеп Таип Ердоган, 11 ноември е прогласен за Национален ден на пошумување. Одлуката е објавена и во Службениот весник“, изјави Пакдемирли, и додаде дека Турција за помалку од две децении го зголемила својот фонд на шуми за речиси 2 милиони хектари.
Истакнувајќи дека Министерството имало капацитети и ресурси самостојно да ги финасира и спроведе проектите, Пакдемирли изјави дека на граѓаните им е дадена можност преку интернет-страница да донираат садници, а сето тоа за овој проект да биде од општ карактер.
Досега, 9 милиони лица добија сертификат за донирање на садници.
Тој, исто така ги повика сите граѓани на Турција, а особено родителите, да се придружат во садењето садници за и децата да ја почувствуваат убавината на грижата за животната средина и да пораснат во еколошки освестени генерации.