Barış Gündoğan
15 Декември 2015•Ажурирај: 16 Декември 2015
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер Ахмет Давутоглу порача дека политиката на Република Турција кон соседниот Ирак е отворена и јасна и дека Турција повеќе од било кого го поддржува суверенитетот и територијалната целовитост на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA) .
Шефот на турската влада Давутоглу отпатува во официјална посета на Бугарија, а непосредно пред поаѓањето на аеродромот Есенборг им се обрати на новинарите и помеѓу останатото го коментираше прашањето за присуството на турската војска во базата Бешика кај Мосул.
"Никој не може да се сомнева во добронамерноста на Турција. Ставот на Турција во борбата против тероризмот е јасно начело за кое не може да се расрпава. Не е тоа само борба која ја водиме против ДАЕШ, пред тоа, тоа беше борба против Ал-Каеда, а ни во борбата против терористите на ПКК никогаш не го гледавме тероризмот низ призма на националниот, етничкиот ниту верскиот идентитет. Во врска со тоа, нашето воено присуство во Бешика никако не е закана за Ирак, туку еден од најсилните показатели за нашата борба против тероризмот" , рече Давутоглу.
Давутоглу ги оцени како конструктивни напорите на исламските земји заеднички да се спротистават на тероризмот и порача дека Турција е секогаш спремна да го даде својот придонес кога тоа прашање е на дневен ред.
"Единствен глас на исламските земји против тероризмот е најдобриот одговор на оние кои се обидуваат да го поистоветат тероризмот со исламот. Ние сме спремни да дадеме свој придонес во тоа, без оглед кој и каде го иницира тоа прашање" ,тврди Давутоглу.
Осврнувајќи се на антитерористичките операции на турските сили на југоистокот на земјата, Давутоглу порача дека вратите им се отворени на сите оние кои сакааат да се бават со политика и да ги бранат своите ставови по демократски пат, но дека турската влада на никој нема да му дозволи на било која педа од нејзината земја да се предизвикува хаос каков што се случува во соседна Сирија или Ирак.