Selma Kasap
24 ноември 2015•Ажурирај: 25 ноември 2015
АНКАРА (АА) - Турција има право да ги презема сите мерки со цел заштита на својата територија и граѓаните, порача денеска во Анкара турскиот премиер Ахмет Давутоглу, по повод соборување на рускиот воен авион на границата со сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
"Целиот свет треба да знае дека ќе ги правиме сите напори и ќе ги преземаме сите мерки со цел заштита на нашите граници, животите и безбедноста на нашите граѓани во секоја смисла. Реакцијата на нашите војни сили на леталото кое го наруши турскиот воздушен простор треба да се гледа во таа рамка. Јасно е дека ние немаме пристап од кој би можело да се заклучи дека претендираме на било чија територија. Покрај тоа, сите мораат да знаат дека нашата должност, а и меѓународно право е да ги преземеме сите мерки во случај на нарушување на безбедноста на нашите граници на било кој начин" , рече Давутоглу.
Тој го повика "целиот свет заедно да го изгаснат огнот во Сирија."
Турскиот премиер нагласи и дека Туркмените и Арапите и Курдите и сите други народи во Сирија имаат право на живот и слобода.
Од НАТО денеска соопштија дека денеска попладне ќе биде одржан вонреден состанок откако утринава турските вооружени сили го соборија воениот авион во близина на турско-сиријската граница.
"НАТО внимателно ја следи состојбата. Во контакт сме со турските власти" , наведено е во соопштението на НАТО, а новинар на АА дознава дека на барање на Турција вонредниот состанок е закажан за 17 часот по средноевропско време.
Турските вооружени сили утринава го соборија леталото кое и покрај предупредувањата продолжи да го нарушува турскиот воздушен простор.
Воениот авион од руско производство, од типот СУ-24 соборен е недалеку од турско-сириската граница после десет предупредувања во пет минути, а го пресретнаа и срушија два турски ловци, од типот Ф-16, утринава околу 9.30 часот по локално време, соопштено е од Генералштабот на Вооружените сили на Турција.
На основа на анализа на следење на трагата на летот на непознато летало утврдено е дека авионот го нарушил воздушниот простор на Турција, соопштија воени извори.