АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го искоментира пишувањето на некои американски медиуми кои објавија дека во случајот со десетте амбасадори „направил чекор наназад“, прашувајќи како тој го направил тој чекор, кога е во офанзива, и порача дека кај него не постои чекор наназад, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во авионот за време на враќањето од Азербејџан одговараше на прашањата на новинарите за актуелните случувања.
Говорејќи за посетата на Азербејџан, Ердоган потсети дека тој и азербејџанскиот колега Илхам Алиев вчера го отворија Меѓународниот аеродром „Фузули“, а потоа положија и камен-темелник на патната делница Ахметбејли - Фузули - Шуша и Ахметбејли - Хорадиз - Минџиван - Агбенд.
Тој додаде дека имал можност да ги види градежните работи за обнова и развој што Азербејџан ги изведува на ослободената територија. Ердоган рече дека со отворањето на Меѓународниот аеродром „Фузули“, чија изградба е завршена во рекорден рок од осум месеци, е реализирана клучна рута на воздушниот сообраќај.
Тој се осврна и на случајот на Осман Кавала, еден од 52-та обвинети во судскиот процес поврзан со обидот за државен удар во Турција на терористичката организација ФЕТО во 2016 година и настаните во паркот Гези.
Амбасадата на САД во Анкара вчера соопшти дека ќе се придржува до член 41 од Виенската конвенција за дипломатски односи, што е чекор наназад кога станува збор за претходните реакции за случајот „Осман Кавала“. Таа изјава ја споделија и амбасадите на Канада, Финска, Данска, Холандија, Шведска, Норвешка и Нов Зеланд, кои исто така беа вмешани во контроверзните реакции за случајот „Кавала“. Истата изјава штотуку ја споделија и амбасадите на Франција и Германија, па така сите десет амбасади направија чекор назад кога станува збор за нивните првични изјави.
Ердоган нагласи дека целта на Турција не е да покаже сила.
„Чекорот што го презедовме не е демонстрација на сила, тоа само значи дека амбасадорите кои се на должност во Турција не можат да се мешаат во внатрешните работи на земјата. Ниту еден амбасадор нема овластување да интервенира во внатрешните работи на земјата каде што работи. Тие треба да го знаат членот 41 од Виенската конвенција подобро од мене“, рече Ердоган, додавајќи:
„Амбасадорот кој работи во Турција мора да знае дека Турција не е племенска држава. Амбасадорот кој работи во земја како Турција, која има таква историја, мора многу добро да знае што до каде може да доведе. Ако тие не знаат, мораме да ги потсетиме на членот 41 од Виенската конвенција. Работата е многу едноставна.“
Запрашан како ги коментира наводите на американските медиуми кои наведоа дека Ердоган побегнал од кризата, направил чекор назад, турскиот претседател одговори: „Како направив чекор наназад? Јас сум во офанзива. Кај мене не постои чекор назад.“
Тој најави и средба со американскиот претседател Џо Бајден во Глазгов, велејќи дека главна тема на средбата ќе биде прашањето за авионите Ф-35.
„Веројатно не во Рим, но ќе имаме состанок во Глазгов. Секако, наша најважна тема на овој состанок е, како што знаете, прашањето за авионите Ф-35, за кои плативме милијарда и 400 милиони долари. Ќе мораме со нив да разговараме за тоа каков е планот на враќање на тие пари. Постојат некои информации кои ги примаме на пониско ниво, а се работи за тоа да понудат Ф-16. На највисоко ниво, секако, би било погодно за тоа да разговарам со господинот Бајден. Доколку е тоа случај, во согласност со тоа ќе настојуваме да постигнеме договор“, заклучи Ердоган.