Handan Kazancı
23 Јули 2021•Ажурирај: 24 Јули 2021
РИЗЕ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска вети уште помош за регионот на Црното Море погоден од поплавите, при посетата на областа каде што најмалку шест лица загинаа, а две лица сè уште се водат како исчезнати поради поплавувањето и лизгањето на земјиштето предизвикано од обилните врнежи од дожд минатата недела, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во првата фаза ќе изградиме вкупно 550 објекти за градбите кои беа погодени од поплавите на 15 јули и кои се изложени на ризик од [природна] катастрофа во подрачјето на Ризе“, изјави Ердоган во дистриктот Гунејсу, во неговиот роден град Ризе.
„Околу 3 милиони турски лири (350.000 долари) веќе се испорачани за помош на регионот, а помошта за изнајмување и релокација им е дистрибуирана на погодените од поплавите во Ризе“, изјави турскиот претседател.
Ердоган рече дека е утврдено дека во Ризе 665 објекти се под ризик од поплавување. „Додека оваа област се евакуира, ние ги реализираме нашите проекти за да ги заздравиме раните.“
„Областа е снабдена со вода и нема проблем со вода за пиење, струја, со комуникациите“, додаде тој.
Истакна дека само во Ризе досега се ангажирани 2.860 лица, меѓу кои 328 припадници на тимовите за потрага и спасување, како и 705 возила. „Скоро сите 426 патишта кои беа затворени поради поплавите се отворени за сообраќај“, рече Ердоган.
Соседната област Артвин исто така беше погодена од обилни врнежи од дожд, а околу 200 луѓе беа евакуирани поради поплавите во регионот вчера.
„Реката Архави се излеа поради обилните дождови, нанесувајќи штета на центарот на областа и селските патишта во Артвин“, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу и министерот за транспорт и инфраструктура, Адил Караисмаилоглу, исто така, го посетија регионот погоден од поплавите вчера.