Muhammet Emin Avundukluoğlu
12 Јануари 2022•Ажурирај: 13 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека во средината на оваа година турските официјални претставници ќе ја оценат повторно ситуацијата на работниците во поглед на инфлацијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во претстојниот јули, со разгледување на стапката на инфлација и условите, ќе ја преиспитаме состојбата на нашите работници“, рече Ердоган пред парламентарната група на Партијата за правда и развој (AK Parti).
Ердоган ги даде овие коментари само неколку недели откако најави зголемување на минималната плата за 50,4 отсто на 4.250 турски лири (307 долари) од 1 јануари, потег што многумина го пофалија како „мелем“ против неодамнешната висока инфлација.
Платите на државните службеници, исто така се зголемени за 30,5 отсто, а најниската пензија е зголемена за околу 66 отсто од 1.500 турски лири на 2.500 турски лири (180 долари).
Ердоган истакна дека моменталниот удар на стапката на инфлација во земјата - слично како и порастот на девизниот курс - не се совпаѓа со реалноста во земја или економијата.
„Се надеваме дека ќе го елиминираме овој раст што е можно поскоро и ќе спречиме нашата нација да биде под товарот на неправедните зголемувања на цените“, додаде тој.
„Турција забележа годишен пораст на потрошувачките цени од 36,08 отсто во 2021 година, највисок во последните 19 години“, објави турскиот Институт за статистика на 3 јануари.
„Во ноември потрошувачките цени забележаа годишен пораст од 21,31 отсто“, објави ТуркСтат.
На месечна основа инфлацијата се зголеми за 13,58 отсто во декември, од 3,51 отсто во ноември.
Турција ќе почне да го гледа плодот од своите неодамнешни економски напори во наредните летни месеци, порача турскиот претседател.
Ердоган претходно овој месец рече дека „најлошото поминало“ во однос на економските проблеми што дојдоа откако Владата продолжи со политиката заснована на ниски каматни стапки.
„Следната, 2023 година, 100-годишнината од основањето на нашата Република, ќе се претвори во вистински историски пресврт и незаборавна празнична година за Турција“, рече Ердоган.
„Решени сме да ја направиме нашата земја дел од Лигата на економски шампиони“, додаде тој.
- Пратеничка критикувана поради фотографија со терорист -
Ердоган, исто така, упати критики до пратеничката од опозицијата фотографирана со терорист на ПКК, кој подоцна беше убиен во воздушен напад на турската војска.
„Не сакаме да видиме проширувања на терористичката организација ПКК во нашиот Парламент“, рече Ердоган, мислејќи на Народната демократска партија (ХДП), од чии редови е пратеничката.
Фотографиите на пратеничката на ХДП, Семра Ѓузел, со терористот на ПКК, Волкан Бора, во неделата беа широко застапени во турските медиуми.
Бора беше неутрализиран во 2017 година од Турските вооружени сили во турската југоисточна област Адијаман.
До Кабинетот на претседателот на Собранието е поднесен извештај за укинување на нејзиниот имунитет, со што се отвора патот да се соочи со обвиненија за тероризам.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на најмалку 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.
Во случајот пред највисокиот суд на Турција, државните обвинители исто така бараат затворање на Народната демократска партија (ХДП) и политички забрани за нејзините членови, наведувајќи дека партијата е само јавното лице на терористичката организација ПКК.