Hale Türkeş
28 Јуни 2016•Ажурирај: 29 Јуни 2016
БРИСЕЛ (АА) - Европската унија (ЕУ) и Турција во четврток 30-ти јуни, ќе отворат ново поглавје во пристапните преговори, станува збор за поглавјето 33, кои се однесуваат на финансиските и буџетските одредби, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, денеска соопшти дека поглавјето 33 во преговорите на Турција со Европската унија ќе биде отворено на 30-ти јуни, пред истекот на холандското претседателство со Унијата.
Турскиот амбасадор за ЕУ, Селим Јенел, за АА изјави дека отворањето на поглавјето 33 е значајно бидејќи тоа обично се отвора „пред самото членство на државата”, потсетувајќи дека од четврток Турција ќе има отворено 16 од вкупно 35 поглавја од преговорите, и уште пет неотворени поглавја, кои ги блокира администрацијата на Јужен Кипар.
„Доколку постои напредок по прашањето на Кипар и се постигне конечна резолуција, тогаш овие пет поглавја би можеле веднаш да се отворат, со што процесот на преговори би се вратил во нормален тек”, рече Јенел.
Тој најави дека во четврток, турски и официјални лица од ЕУ, по повод отворањето на 33-то поглавјето ќе се одржи меѓувладина конференција на којашто ќе присуствуваат турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за финансии Наџи Агбал и министерот за ЕУ Омер Челик.
Освен за поглавјето 22, Чавушоглу и Челик ќе разговараат и за петте клучни критериуми за безвизен пристап во Шенген зоната, додаде турскиот амбасадор во ЕУ.
„Тие по меѓувладината конференција ќе се сретнат со првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс, за да разговараат за преостанатите пет критериуми. Во оваа смисла ќе се воспостават насоки, а наша цел е да се обезбеди визната либерализација што е можно поскоро”, рече Јенел.