Eda Özdener
28 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Турција, во период од 11 месеци оваа година, ја посетија 37,5 милиони странски туристи, а заедно со турските државјани коишто живеат во странство, вкупниот број на лица што ја посетија Турција изнесува приближно 43 милиони, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за култура и туризам на Турција соопшти дека според статистичките податоци што ги води Mинистерството за влез и излез од земјата, во првите 11 месеци од годинава, во споредба со истиот период минатата година, Турција била домаќин на 37 милиони 537 илјади и 696 странски посетители, што претставува раст од 22,25 отсто.
Институтот за статистика на Турција (TUİK) информираше дека за период од 9 месеци, Турција ја посетиле и 5 милиони 217 илјади и 193 турски државјани со престој во странство. Оваа бројка, заедно со странските посетители во период од 11 месеци годинава, изнесува близу 43 милиони посетители, што во споредба со истиот период минатата година, претставува раст од 21,35 отсто.
„За периодот јануари - ноември 2018 година, најголем број посетители има од Руската Федерација, од каде што е забележан раст од 26,22 отсто. Следува Германија со раст од 25,56 отсто, додека на третото место се наоѓа Англија, од каде што е забележано зголемување на посетителите за 36,45 отсто. Следуваат Бугарија и Грузија.
Од Руската Федерација во Турција пристигнале 5.865.466, од Германија 4.334.067, додека од Англија 2.212.040 странски посетители“, се вели во сооптението.
- Во ноември најголем број посетители од Бугарија
Во соопштението се вели дека во ноември 2018 година, Турција ја посетиле 1.966.277 странски посетители, што претставува раст од 18,97 отсто, а за бројот и земјите од каде што потекнуваат странските посетители се вели:
„Најголем број странски посетители во ноември 2018 година во Турција дојдоа од Бугарија, вкупно 212.482, што претставува раст од 43,46 отсто во однос на истиот период минатата година. На второ место е Германија со 178.421 посетител, што е раст од 53,96 отсто, а Руската Федерација е на третата позиција со 140.794 посетители, што претставува раст од 71,94 отсто. По Руската Федерација следуваат Грузија и Иран.“
- Најпосетени области
Најголемиот број странски посетители во периодот јануари - ноември ја посетија Анталија, вкупно 12 милиони 355 илјади и 65 лица. На второ место со 12 милиони 365 илјади и 177 посетители доаѓа Истанбул, додека трета најпосетена дестинација во Турција е Едрене, со 3 милиони 540 илјади и 874 посетители. На четвртата позиција е областа Мугла, додека на петтата е Артвин.
Во ноември Истанбул е најпосетена област со 1.014.984 посетители, на втората позиција се наоѓа Едрене со 291.501, додека на третата позиција се наоѓа Анталија со 256.238 гости. Следуваат Артвин и Киркларели.
Според податоците на Министерството за култура и туризам, заклучно со декември 2018, Турција има 11.554 сместувачки објекти со капацитет од 1.478.958 легла.