Tuğrul Çam
28 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
АНКАРА (АА) - „Република Турција е задоволна од прогласувањето на ФЕТО за терористичка организација и во Пакистан, чекор кој претставува пример за сите земји“, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Одлуката што придонесува за јакнење на соработката меѓу Турција и Пакистан, воедно е и пример за сите други земји“, се порачува во соопштението на турското МНР.
Врховниот суд во Пакистан денес ѝ наложи на Владата да ја забрани фондацијата на терористичката организација ФЕТО, којашто води мрежа од училишта во таа земја.
ФЕТО и нејзиниот лидер, Фетула Ѓулен, кој се наоѓа во САД, раководеа со неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година во Турција, кога загинаа 251 лице, а околу 2.200 беа повредени.
Врховниот суд на Пакистан, исто така, наложи училиштата и другите образовни институции коишто се поврзани со ФЕТО, да се предадат во надлежност на фондацијата „Маариф“.
Турција во 2016 година ја основаше фондацијата „Маариф“ со цел да го преземе управувањето со училиштата поврзани со ФЕТО. Оваа фондација, исто така, основа училишта и образовни центри во странство.
Локалниот адвокат Сохаил Сајид на 13 декември до Врховниот суд поднесе петиција и барање групата ФЕТО да се прогласи за „единица за тероризам“ во Пакистан.
Судот му наложи на пакистанското Министерство за внатрешни работи, Pak-Turk International Cag Education Foundation (PTICEF), групата поврзана со ФЕТО, која управува со училиштата во Пакистан, да ја прогласи за „забранета организација“ и нејзиното име да го стави на листата на терористички организации.
Исто така, на надлежните органи им е наложено веднаш на фондацијата „Маариф“ да ѝ го предадат сиот подвижен и неподвижен имот што е во сопственост на организацијата поврзана со ФЕТО.
- Врховниот суд на Пакистан го прогласи ФЕТО за терористичка организација