Muhammet İkbal Arslan
05 Март 2019•Ажурирај: 06 Март 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Дирекцијата за турска дијаспора и сродни заедници (YTB), Абдула Ерен, потврди дека оваа година за стипендиите на Турскиот фонд за стипендии (Turkiye Burslari) забележан е рекорден број апликации, а барање за стипендија поднеле 145.700 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Дирекцијата на 15 јануари распиша конкурс за доделување стипендии за додипломски, мастер и докторски студии за странски студенти, а овој конкурс беше отворен до 20 февруари.
Абдула Ерен потсети дека во 1992 година е започнат „Голем студентски проект“, кој во координација со Дирекцијата за турска дијаспора и сродни заедници во 2012 година е преименуван во Турски фонд за стипендии. Како што рече, од година во година оваа програма бележи сѐ поголем број апликации за стипендии.
„За нашата програма за стипендирање во 2012 година аплицираа 42.000 лица, а оваа година имаме рекорден број од 145.700 апликанти. Многу сме среќни поради растечкиот интерес за студирање во Турција. Она што е нашата цел е паралелно со зголемување на интересот на студентите за нашата програма, да ги зголемиме нашите капацитети и да ги подобриме условите“, порача Ерен.
Тој додаде дека поради големиот интерес оваа година е продолжен рокот за аплицирање, и нагласи дека програмата на Турскиот фонд за стипендии дала голем придонес за квалитетот на високото образование во земјата. На универзитетите во Турција моментално се школуваат околу 17.000 странски студенти, а целта е до 2023 година оваа бројка да се зголеми на 25.000.
Турскиот фонд за стипендии нуди можност за стипендирање на повеќегодишно школување на престижни турски универзитети или на програми што траат нешто пократко.
Република Турција средствата за стипендии на странските студенти ги обезбедува со намера да го поддржи развојот на образованието на младите во пријателските држави. Целта на Турција е низ образованието да воспостави мостови на пријателство меѓу поединци и држави, како и да одговори на современата потреба за квалификувани човечки ресурси.
Досега оваа програма на стипендирање ја имаат искористено неколку десетици илјади луѓе. Околу 17.500 млади од 160 земји, стипендисти на Фондот, студираат на универзитетите во неколку турски градови.
Младите кои ја минуваат првата фаза од оценувањето се повикуваат на разговор кој се врши на 100 места низ светот, а ги водат академски работници и стручни вработени лица од Дирекцијата за турска дијаспора и сродни заедници. Лицата кои ќе го поминат следниот круг, остваруваат право на добивање стипендија. Кандидатите имаат можност за учење на турскиот јазик една година, а потоа се распоредуваат на универзитетот кој бил еден од нивниот избор.