Muzaffer Çağlıyaner
29 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
ОСМАНИЕ (АА) - Музафер Чаглијанер - Жените од селото Каратепе, во јужната турска област Османие, кои се занимаваат со ткаење килими, бојата за своите производи ја добиваат од кората на калинката.
Боите за боење на надалеку познатите килими од ова село се добиваат не само од кората на калинката, туку и од коренот, цветот и од лисјата на многу други растенија.

Ткајачките ја чекаат бербата на калинката со цел во килимите да вткаат волна со жолта боја. Откако кората од плодот се суши одредено време на сонце, се става во казан со вода.
Откако водата ќе зоврие и ќе добие одредена боја, волнените нишки се потопуваат во водата, а потоа се ставаат да се сушат.
Исушени и обоени, нишките се подготвени да станат дел од килимот со повеќевековни мотиви.
Ајше Хаксевер, инструкторка во Здружението за изработка на овие килими, за Anadolu Agency (АА) рече дека жолтата боја и нејзините тонови, кои се добиваат од кората на калинката, се важни за ткаењето.
Таа истакна дека за добивање на другите нијанси кората на калинката се меша со одредени други растенија.
„Најважната карактеристика на овие килими е тоа што се изработуваат од стопостотна волна и од боја која се добива од коренот на растенијата“, појасни Хаксевер којашто додаде дека здружението е активно веќе 45 години и дека теписите ги продаваат низ цела Турција.