Orhan Çiçek
08 Јуни 2017•Ажурирај: 09 Јуни 2017
АНТАЛИЈА (АА) - Орхан Чичек - Музејот на играчки, кој се наоѓа во турскиот град Анталија, се смета за интересен не само за децата, туку и за возрасните.
Во музејот се изложени околу 1.200 видови на играчки од многу земји, а се собрани преку аукции или се донесени од љубители на антиквитети од странство.
Ова место не е интересно само за децата, туку и за сите оние кои барем на кратко сакаат да се вратат во детството.
Салиха Оздемир Ипек, вработена во музејот на играчки, истакна дека музејот работи веќе шест години и дека месечно го посетуваат над 3.000 луѓе.
Таа додаде дека во музејот се изложени одредени играчки кои денес не се произведуваат и се прилагодени на современиот концепт.
„Ова е всушност музеј на спомени. Возрасните посетители тука може да видат играчки со кои имале или немале можност да се сретнат во минатото. Тие се враќаат во минатото и во детството, и така си заминуваат од музејот“, рече Ипек.
Таа додаде дека играчките всушност се важни двигатели на економските можности на одредено време и дека истовремено го покажуваат ставот на одредени држави кон децата.
Ипек нагласи дека играчките се универзален јазик на детскиот свет и дека тоа е најубавиот начин на изразување на детството.
„Играчките, истовремено, се и историски сведоци. Тие ги одразуваат економските, политичките и културолошките состојби и карактеристики на општеството во кое се произведени“, додаде Ипек.
Таа потсети дека играчките во текот на Втората светска војна се користени како пропаганда.
„Хитлер имал цел да се вовлече во потсвеста на децата со тоа што во 1932 година наредил производство на комплети на играчки составени од нацистички војници. Кога во 1933 година производството заврши, тие беа најпродаваните играчки во Германија. Со играчките произведени по фрлањето на атомската бомба во 1945 година во Јапонија, Јапонците заземаа важно место во производството на играчки“, рече Ипек.
Сетовите на играчки кои ги претставуваат нацистичките војници, но и примероци на јапонските играчки се изложени во музејот, како и примерок од играчка на вонземјанин, направена од страна на Паскал Каман во 1982 година, која беше инспирација за снимање на филмот за E.T.