Hüseyin Gazi Kaykı
17 Август 2016•Ажурирај: 18 Август 2016
АНКАРА (АА) - Турската Влада денес до турскиот Парламент го предаде предлог-законот за одобрување на договорот меѓу Турција и Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставниците на министерствата за надворешни работи на Турција и Израел неодамна го парафираа билатералниот договор во врска со прашањето за плаќање оштета од страна на Израел за нападот врз хуманитарниот брод Мави Мармара, во мај 2010 година.
Денес, текстот на договорот е доставен до највисокото законодавно тело на Турција, Големото народно собрание, чие одобрение е потребно за спроведување на договорот.
Во согласност со договорот, Израел ќе им плати оштета од 20 милиони долари на семејствата на жртвите од нападот на Мави Мармара.
По дипломатски пат Турција на Израел ќе му достави банкарска сметка на која ќе биде уплатена споменатата сума, а плаќањето Израел ќе го извршиво рок од 25 работни дена од денот на стапување во сила на договорот.
Распределбата на овие средства на ужалените семејства ќе го изврши турската Влада.
Договорот ќе стапи во сила откако двете земји ќе ги поминат процедурите на одобрување од страна на надлежните институции, за што двете страни ќе остварат контакт по дипломатски пат.
Во нацрт-законот за одобрување на турско-израелскиот договор доставен до турскиот Парламент се потсетува дека израелскиот премиер на 22 март, 2013 година, со телефонски повик изрази сочувство се извини на тогашниот турски премиер, Реџеп Таип Ердоган, поради загинувањето на турските хуманитарци во нападот на израелските сили врз Мави Мармара.
Исто така се наведува дека, со исполнување на израелските обврски од договорот, кои се однесуваат на решавање на прашањето на ембаргото и изолацијата на Палестинците во појасот Газа, ќе се отвори патот за подобрување на животот на луѓето во тој појас.
„Со исполнување на обврските од договорот ќе биде отворен и патот за нормализација на билатералните односи и ќе биде остварен чекорот на турската политика за градење на мирот и стабилноста во регионот. Заедно со тоа, како за Турција и Израел, договорот е важен и за Палестина и за градењето на нејзината безбедност и благосостојба. Турција на тој начин ќе може многу повеќе да ѝ помогне на палестинската држава и на народот. Ние ќе бидеме во можност и на различни нивоа да го потпомогнеме решавањето на израелско-палестинскиот конфликт”, се наведува во нацрт-законот.