Hatice Özdemir Tosun
04 Април 2021•Ажурирај: 07 Април 2021
АНТАЛИЈА (АА) - ХАТИЏЕ ОЗДЕМИР ТОСУН -
Производителите кои сакаат да го подобрат квалитетот и обемот на земјоделските посеви во пластениците, во последните неколку децении сè почесто ја користат методата на опрашување со бумбари, со цел да ги заштитат растенијата и да ги заменат хемиските средства, јавува Агенција Анадолија (АА).
Повеќето растенија зависат од инсектите што опрашуваат, а за многу одгледувачи, бумбарите се вистинскиот избор, со оглед на тоа што овие инсекти ги поднесуваат временските услови подобро од пчелите.
Опрашувањето со бумбари е корисно одвреме-навреме во пластениците и за време на раните и доцни насади. Производителите кои сакаат да го зголемат обемот на производство, да го подобрат квалитетот и со тоа да ги намалат трошоците, сè почесто го избираат методот на опрашување со бумбари. Овој метод е особено корисен при одгледување овошје и зеленчук, особено домати, краставици, модри патлиџани, тиквички, пиперки...
Хасан Хусеин Алтинташ, од Анталија, Турција, со одгледување и извоз на бумбари се занимава од 1997 година.
Тој потсети дека бумбарите се поголеми од пчелите и дека можат да работат на ниски температури и ветровито време. Сепак, со оглед на тоа што не можат да летаат долго, тие не можат многу да се оддалечат од градината каде што делуваат.
Алтинташ вели дека сè повеќе купувачи се свртуваат кон поздрав начин на исхрана и претпочитаат намирници при чие одгледување не се користеле хемиски препарати.
„Бумбарите им носат радост и на производителите и на потрошувачите“, рече Алтинташ и додаде дека бумбарите ги извезуваат и на странскиот пазар.
Предупреди дека опрашувањето со хормони може да им наштети на растенијата и да доведе до намалување на квалитетот на овошјето и зеленчукот, бидејќи не станува збор за природен процес, а рачното опрашување бара многу време.