Sabri Yıldırım
16 Јануари 2017•Ажурирај: 16 Јануари 2017
МУШ (АА) - Имамот Ибрахим Озкаја, кој е на должност во џамија во близина на градот Коркут во областа Муш, Турција, го повика локалното население, поради студеното време и снегот, да им остават храна на дивите животни што живеат во околината, јавува Anadolu Agency (AA).
Имамот Озкаја преку разгласот од џамијата му се обрати на локалното население на турски и на курдски јазик, и ги повика луѓето поради тешките зимски животни услови, да остават храна за дивите животни во природата.
Лебот и собраната храна, локалното население и имамот Озкаја ја пренеле со вреќи до подрачјето во кое живеат дивите животни.
Имамот Озкаја изјави дека на овој начин се обидуваат да ги заштитат животните што живеат во природата.
Имамот истака дека луѓето треба да се потсетат оти треба со милост да се однесуваат кон животните. „Многу снег падна во нашето подрачје. Потребно е да им помогнеме на дивите животни за да не умрат. Затоа, повремено го повикувам локалното население да им помогнеме на животните од природата. Им оставаме добиточна храна и леб“, рече имамот Озкаја.
„Ќе продолжиме до крајот на зимата“
Еден од жителите на селото, Ферит Јалчин истакна дека во зимскиот период животните се мачат да најдат храна и затоа оставаат храна за нив во подрачјето во кое главно живеат диви животни.
Јалчин вели дека интензивните врнежи од снег ја прекриле храната на дивите животни и тие мака мачат за да дојдат до неа:
„Поради студените зимски ноќи, земјата е смрзната и животните не можат да најдат храна. Денеска повторно нашиот имам преку разгласот на џамијата упати повик да однесеме храна за животните во природата. Секој според сопствените можности, од дома донесе пченица, леб и добиточна храна. Храната ја оставивме во подрачјата во кои е забележано интензивно движење на животните. Оваа наша помош во храна ќе ја продолжиме до крајот на зимата. Еребиците, зајаците, лисиците и голем број други животни се хранат од она што им го оставаме, но ловците повремено доаѓаат во лов. Ги молиме да не ги ловат еребиците“.
Локалното население смета дека прави добро за животинскиот свет во околината и посака активностите што ги започна нивниот имам да бидат пример и за останатите села.