Erdoğan Çağatay Zontur
10 Декември 2019•Ажурирај: 11 Декември 2019
ДИЈАРБАКИР (АА) - Терорист на ПКК се сретна со своето семејство на судскиот процес што се води против него во југоисточна Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џафер Џејлан беше убеден да го положи оружјето и да се предаде на турските безбедносни сили, кои соработуваа со неговото семејство, во југоисточната област Дијарбакир.
Семејствата од 3 септември започнаа со протести пред седиштето на опозициската Народна демократска партија (HDP) во Дијарбакир.
Една од жените, Февзије Четинкаја, посведочи дека нејзиниот син е насила регрутиран од страна на терористите на ЈПГ/ПКК со помош на членовите на партијата ХДП, која властите ја товарат за поврзаност со терористичката организација.
Оттогаш, бројот на семејства кои протестираат расте, а нивните барања се исти, враќање на нивните деца, кои биле измамени или киднапирани од терористите на ПКК.
Хатиџе Џејлан, мајката на Џафер Џејлан, им се приклучила на протестите на 8 октомври поради нејзиниот син, кој бил киднапиран пред четири години, кога имал само 15 години.
Дознавајќи дека неговата мајка се приклучила кон протестите, Џафер Џејлан одлучува да избега од редовите на терористичката организација и да дојде до своето семејство.
Според соопштението на турското Министерство за внатрешни работи од 26 ноември, распаѓањето на ПКК е забрзано и благодарение на успешните антитерористички операции во рамките на Турција и надвор од неа.
Во соопштението се додава дека значителен број терористи започнале да ги напуштаат редовите на ПКК и да се предаваат. Во 2019 година на турските безбедносни сили им се предале над 235 терористи.
Терористите по предавањето не се третираат лошо, им се пружаат многу можности, меѓу кои и образование, живот без страв и опресија, можност да контактираат со семејствата, како и основна правна помош. Турската држава нуди програма со цел да обезбеди нивно интегрирање во општеството.
Според сведоштвата на терористите, водачите на терористичката група ПКК ги ризикуваат животите на другите терористи за да ги спасат своите животи и им се закануваат со измачување на оние што планираат да се предадат.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.