Tuğçenur Yılmaz
19 Април 2019•Ажурирај: 21 Април 2019
АНКАРА
Шефот на романската дипломатија, Теодор Мелешкану, информираше дека еден од приоритетите во периодот на претседавање со Европската Унија (ЕУ) е проширување на односите меѓу Европската Унија и Турција и додаде: „Кога велиме Турција, зборуваме за земја кандидат и клучен партнер на ЕУ“, јавува Anadolu Agency (AA).
По одржувањето на тројната средба Турција - Полска - Романија во Министерството за надворешни работи на Турција, турскиот министер Мевлут Чавуоглу, полскиот министер Јацек Чапутович и романскиот министер Теодор Мелешкану одржаа заедничка прес-конференција.
Посочувајќи на значењето на ваквите моќни тројни средби, Мелешкану соопшти дека на состанокот разговарале за спроведувањето на одлуките донесени на средбата на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Вашингтон по повод 70. годишнината од основањето на алијансата.
Мелешкану потсети дека на состанокот на НАТО се донесени одлуки во врска со Црното Море и истакна дека Романија ќе продолжи да го дава својот придонес во тој процес.
„Од безбедносен аспект, нашите земји се соочуваат со исти проблеми“, рече Мелешкану, подвлекувајќи дека земјите како што се Грузија и Украина треба да станат членки на НАТО. „Изјавуваме дека на ниту еден начин не ја признаваме нелегалната и нелегитимната анексија на Крим“, изјави Мелешкану.
- „Ја поддржуваме политиката на отворени врати на НАТО“
Изјавувајќи дека на состанокот се разговарало за последната ситуација во подрачјата на Донецкиот басен, Апхазија и Јужна Осетија, Мелешкану рече: „ Во нашите дискусии го истакнавме значењето на територијалниот интегритет на Украина, Молдавија и Грузија“.
Мелешкану рече дека за време на состанокот разговарале и за политиката на Русија во Црното Море, и земајќи предвид дека НАТО продолжува со својата политика во две насоки, политика на одвраќање и одбрана, посочи дека истовремено водејќи се според принципот на транспарентност и реципроцитет, се сложуваат дека е потребно да се отвори патот за политички дијалог со Русија.
Мелешкану, истакнувајќи го значењето на безбедноста и стабилноста на евроатлантското подрачје, констатираше: „Ја поддржуваме политиката на отворени врати на НАТО. За остварување на оваа цел, со задоволство ја поздравуваме партиципацијата на Северна Македонија во НАТО“.
Мелешкану рече дека ги поддржуваат сите активности на НАТО во спречувањето на терористичката организација ДЕАШ и сите останати видови борба против тероризмот, и како периодичен претседател на ЕУ ја истакна неопходноста од соработката со НАТО, особено на полето на безбедноста и одбраната.
Мелешкану рече дека во рамките на тие активности го поддржуваат приклучувањето на трети земји кои не се членки на ЕУ.
- „Турција е клучен партнер на ЕУ“
„Една од примарните цели во нашиот период на претседателство со ЕУ е забрзување и проширување на односите меѓу ЕУ и Турција“, рече Мелешкану и информираше дека е горд што по 4 години пауза е реализиран состанок на Советот на партнерство ЕУ-Турција.
Тој информираше дека благодарение на состанокот, односите меѓу ЕУ-Турција се земени на еден сеопфатен начин и изјави: „Кога велиме Турција, зборуваме за земја кандидат и клучен партнер на ЕУ“.
На состанокот на Советот на партнерство, Мелешкану рече дека станало збор за повеќе теми, како што се борбата со тероризмот, миграциите, енергетиката, економијата. „Доколку се фокусираме само на миграциите, тогаш треба да кажеме дека на тоа поле Турција даде огромен придонес за стабилноста на ЕУ“, констатираше Мелешкану.
Романскиот шеф на дипломатијата, потенцирајќи дека Турција има значајна улога и одговорност во регионот, додаде дека во тие рамки од големо значење е зголемувањето на дијалогот.