Mehmet Yavaş
28 Април 2021•Ажурирај: 29 Април 2021
ЧАНАККАЛЕ
Археолошкиот локалитет во Асос во турската северозападна област Чанаккале ќе биде затворено 500 дена, додека се работи на обновување на падината во близина, откако камења се одронија на патот што води до истоименото античко пристаниште, јавува Агенција Анадолија (АА).
Активностите на туристичките оператори и трговци во античкото пристаниште беа запрени во рамките на проектот што минатиот месец го предложи Гувернерството на округот Ајвачик во Чанаккале.
Патот што водеше до античкото пристаниште беше затворен од страна на жандармериските тимови.
Како дел од проектот, што се планира да биде завршен за околу 500 дена, падината во близина на пристаништето ќе биде санирана, со цел камењата на ридот над пристаништето да не претставуваат опасност за луѓето. Тие почнаа да паѓаат поради земјотресите и природните услови.
Властите соопштија дека деловните субјекти во регионот ќе продолжат со своите активности по завршувањето на работата за санирање.
Асос, исто така познат како Бехрамкале, бил еден од најважните пристанишни градови во античко време и поседува клучно културно наследство од римскиот период во регионот, вклучувајќи антички театар, агора, некропола и ѕидови.
Локалитетот, лоциран на 17 километри јужно од областа Ајвачик, беше ставен на листата на светско културно наследство на УНЕСКО на 15 април 2017 година.
Според веб-страницата на УНЕСКО, Асос, како значаен полис или град држава во архаичниот период, ја одржувал својата важна улога во регионот сè до византиско време.
Турските археолози започнаа со ископувања на Асос во 1981 година.
Заштитата, промоцијата и реставрацијата на античкиот град ги преземаат Министерството за култура и туризам, Гувернерството на Чанакале и локалната администрација на селото Бехрамкале.