Tuba Şahin
03 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Првите автономни електрични автобуси од турско производство се подготвени за извоз во Романија и Соединетите Американски Држави (САД), јавува Агенција Анадолија (АА).
Окан Баш, директор на компанијата „Карсан“, за АА изјави дека се завршени сите процедури за извоз на првите автономни автобуси на компанијата.
„Едно возило продадовме во Романија, каде што ќе се користи во тамошниот технопарк, а друго возило продадовме на САД, и таа испорака треба да биде во мај. Во тек се преговори со уште неколку купувачи од различни земји“, рече Баш.
„Карсан атак електрик“ е меѓу првите автономни автобуси во светот што влезе во комерцијално сериско производство, а тестирањата завршија во понеделникот, кога учество зеде и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Станува збор за автономно возило опремено со софистициран сплет на сензори, компјутерска опрема, технологија HD-Map и софтвер за автономно возење, а со помош на таква опрема е целосно свесно за својата околина, а живите суштества и неживите предмети околу себе ги детектира побрзо од човекот.
И турскиот производител на автобуси „Отокар“ минатиот месец успешно тестираше автономни автобуси што ги разви во соработка со експерти од Универзитетот „Окан“. Компанијата „Отокар“ е позната и по тоа што претходно го разви и произведе првиот турски автобус на електричен погон, што се извезува во други земји.