Mehmet Şah Yılmaz
04 Јули 2021•Ажурирај: 05 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција реагираше во врска со случајот со исчезнувањето на 43 мигранти заглавени во Средоземното Море при обид илегално да преминат во Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се наведува дека со длабока тага е примена веста за исчезнувањето на 43 мигранти во Средоземното Море, и покрај тоа што 84 мигранти се спасени.
„Оваа трагедија на Медитеранот не е ниту прва ниту последна. Турција чувствува длабока тага поради овие болни случувања и загубите на мигрантските рути. Од почетокот на 2021 година во Медитеранот загинаа 866 мигранти. Спасувањето човечки животи на море е морална, но и правна обврска на државите“, се наведува.
Нагласено е дека недостатокот на координација на одговорностите за пребарување и спасување на море во рамките на Европската Унија и обидот за префрлување на меѓународната одговорност на транзитните земји претставува закана за правото на живот на мигрантите.
Министерството додава дека ниту Либија, ниту Турција не се извор на нерегуларните миграции, а причините за миграциските текови се постојаната нестабилност, конфликтите и сиромаштијата во супсахарска Африка, во Авганистан и Сирија.
„Невозможно е да се изнајде решение за овој проблем и да се спречат миграциите без да се отстранат причините за самите миграции. Некои други решенија само ќе ги зголемат страдањата на мигрантите, барателите на азил и ќе го зголемат бројот на смртни случаи на море.“
Упатен е апел до меѓународната заедница да пронајде решенија за проблемот со миграциските движења во регионот и правично да се распределат одговорностите и товарот поврзани со ова прашање.
Инаку, туниските власти спасија 84 од 127 мигранти кои патувале со брод кон Европа преку Средоземното Море, изјави претставник на Туниската Црвена полумесечина.
Бродот со 127 мигранти се превртел вчера во близина на брегот на јужниот град Зарзис, изјави за АА Ал-Монџи Салим, претставник на Туниската Црвена полумесечина.
Тој додаде дека спасените мигранти се од Еритреја, Судан, Бангладеш, Египет, Чад и Јемен.
Останатите 43 мигранти сè уште се водат за исчезнати.