Nazlı Yüzbaşıoğlu
13 Декември 2019•Ажурирај: 15 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот амбасадор во Анкара, Дејвид Сатерфилд, е повикан на разговор во Министерството за надворешни работи на Турција поради усвојувањето на резолуцијата во американскиот Сенат, со која ерменските случувања од 1915 година се признаваат како „геноцид", јавува Anadolu Agency (AA).
Според дипломатски извори, заменикот на турскиот шеф на дипломатијата, Седат Онал, во разговор со амбасадорот Сатерфилд уште еднаш повторил дека Турција остро се противи на ваквата одлука на американскиот Сенат.
Од Амбасадата на САД во Анкара за АА, исто така, изјавија дека позицијата на американската администрација за ова прашање останува непроменета и дека е во согласност со претходната изјава, што во април ја даде американскиот претседател, Доналд Трамп.
Трамп на 24 април за настаните од 1915 година го употреби ерменскиот израз „Meds Yeghern“, што на ерменски значи „голема катастрофа“.
Сенатот на Конгресот на САД, кој го предводат републиканците, вчера усвои резолуција со која настаните со Ерменците на почетокот на 20 век се признаваат како „геноцид“.
Потсетуваме, официјална Анкара нагласува дека сите страни во Првата светска војна претрпеле големи жртви и дека со тие историски настани треба да се бават експертите, а не политичарите. Турција не ги прифаќа ерменските тврдења за наводен „геноцид".
Истакнувајќи дека во 1915 година се случила голема трагедија за двете страни, Турција предлага формирање заедничка комисија која би спровела истрага за тој период, а која би ја сочинувале турските, ерменските и меѓународните историчари.