Esma Küçükşahin
21 Јануари 2026•Ажурирај: 22 Јануари 2026
КАЈСЕРИ (АА) – ЕСМА КУЧУКШАХИН – Врз основа на фосилите од слон, носорог, жирафа и сабјозаб тигар, стари околу 7,7 милиони години, пронајдени при ископувањата во Кајсери, централна Турција, се изработуваат нивни минијатурни реплики од полимерна глина, јавува Анадолу.
Фосилите, кои првично беа откриени во 2017 година од овчар во близина на браната Јамула, а по една година започнаа систематски археолошки ископувања, денес се чуваат во Научниот центар на Општина Кајсери.
Покрај чистењето и конзервацијата, експертите вршат и работа на поставување и реконструкција на фосилите што датираат од пред 7,7 милиони години.

За потребите на Палеонтолошкиот музеј во Кајсери, кој е во изградба, уметницата Хатиџе Чолак ги изработува минијатурите од полимерна глина. Потоа животинските фигури се скенираат со 3Д-скенери, се умножуваат со 3Д-печатачи и се бојосуваат.
- Фосили од џиновска фауна -
Експертот антрополог Омер Даг изјави за АА дека ископувањата во околината на браната Јамула се разликуваат од другите фосилни истражувања во Турција по тоа што содржат фосили од мегaфауна, односно џиновски животни.
Тој потсети дека во текот на ископувањата биле пронајдени фосили од предците на многу животински видови, како што се слон, носорог, жирафа, сабјозаб тигар и безрог елен, додавајќи дека примероците се исклучително добро зачувани и со минимални деформации.

Даг нагласи дека фосилите, чие чистење и конзервација се веќе завршени, а поставувањето е во тек, ќе бидат изложени во Палеонтолошкиот музеј што сè уште се гради.
„Се обидуваме да ја прикажеме оваа џиновска фауна и во минијатурна форма. На посетителите ќе им ги покажеме и овие мали примероци. Градоначалникот на Кајсери, Мемдух Бујуккилиџ, ни дава голема поддршка во овој процес. Планираме еден примерок од оваа фауна да подготвиме и за градоначалничкиот кабинет“, рече Даг.
- „Изработуваме минијатури од фосилите“ -
Даг објасни дека во моментов се изработуваат минијатури од жирафа, слон, сабјозаб тигар и носорог.

„Нашиот колега, уметник, со прецизност на вајар ги обликува минијатурите од модел-глина. Потоа ние ги скенираме со 3Д-скенери и ги печатиме со 3Д-печатачи, со што производството станува посериско. Во иднина, кога музејот ќе биде отворен, овие минијатури ќе може да се понудат и во музејската продавница. Иако изработуваме минијатури, паралелно продолжуваме и со поставување на фосилите во нивната оригинална големина“, истакна тој.
Тој додаде дека во музејот планираат да изложуваат и други палеонтолошки материјали, покрај фауната пронајдена во Кајсери. Во тој контекст наведе дека веќе е испечатена и реплика од диносаурусот ти-рекс, чиј оригинал е изложен во Париз, а чија реплика се наоѓа во природонаучниот музеј „Шехит Џума Даг“ при Управата за рударски истражувања (МТА).