Sefa Şahin
23 Април 2021•Ажурирај: 23 Април 2021
АНКАРА (АА) - Во Турција денеска се одбележува националниот празник Ден на националниот суверенитет и Ден на детето, а воедно и 101-годишнина од основањето на турскиот Парламент, односно Големото народно собрание на Република Турција (TBMM), јавува Агенција Анадолија (АА).
Еден од најголемите национални празници во Турција традиционално се одбележува со голем број манифестации на кои учествуваа децата од целиот свет. Меѓутоа, овогодишното одбележување на празникот поради пандемијата на Ковид-19 нема да биде со масовни собири како претходните години.
Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, ја предводеше државната делегација на централната церемонија на положување цвеќе во комплексот „Аниткабир“, мавзолејот на основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк.

На церемонијата присуствуваа и потпретседателот на Турција, Фуат Октај, претседателот на опозициската Републиканска народна партија (CHP), Кемал Киличдароглу, челничката на Партијата ИЈИ, Мерал Акшенер и други официјални претставници.
Меѓутоа, ниту превентивните мерки воведени со цел спречување на ширењето на коронавирусот не го загрозија празничниот дух низ Турција.
Во Кападокија е организиран и посебен лет со балони со турски знамиња.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, синоќа испрати порака по повод празникот и 101-годишнината од основањето на Големото национално собрание на Турција, велејќи дека тоа засекогаш ќе биде потврда на волјата на народот.
„Големото национално собрание, кое беше цел на воени удари, хунти, терористички напади и на крај бомбардирање од страна на предавничката терористичка организација ФЕТО, претставува симбол на нашата славна историја и засекогаш ќе биде потврда на националната волја“, рече Ердоган .
Нагласувајќи дека Турција и понатаму ќе остварува напредок и понесена од енергијата и ентузијазмот на младите ќе ги остварува зацртаните цели, Ердоган го честиташе денешниот празник кој основачот на Република Турција, Гази Мустафа Кемал Ататурк, го подари на децата од светот.
Државниот празник Ден на националниот суверенитет и Ден на детето се одбележува на 23 април, на денот кога во 1920 година е отворено Големото народно собрание на Република Турција. На денешен ден 1924 година е одлучено денот на основањето на Големото народно собрание да се одбележува како државен празник. Пет години подоцна, на 23 април 1929 година тој празник е подарен на децата. Од 1929 година се одбележува како Ден на националниот суверенитет и воедно како Ден на детето.