Hikmet Faruk Başer
03 Октомври 2021•Ажурирај: 04 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - ХИКМЕТ ФАРУК БАШЕР -
Откако на 24 јули 2020 година повторно е отворена за молитва, по 86 години, џамијата „Аја Софија“ во Истанбул ја посетија над 3,5 милиони луѓе, јавува Агенција Анадолија (АА).
Имамот на џамијата „Аја Софија“, Ферух Муштуер, во разговорот со АА рече дека функцијата имам ја врши веќе една година, поради што е многу среќен и горд.
„Среќен сум што сум имам на џамијата Аја Софија. Благодарен сум му на Бога што сум почестен со тоа“, рече Муштуер.
Имамот сподели информации за посетите на џамијата.

„Откако џамијата Аја Софија е повторно отворена за молитва, нашите граѓани покажаа голем интерес и џамијата досега ја посетија повеќе од 3,5 милиони луѓе. Особено бројот на посетители е голем во петок, сабота и недела, кога џамијата дневно ја посетуваат 30.000 луѓе“, открива Муштуер.
Додава дека гости доаѓаат од сите делови на светот.
„Секој ден сме сведоци на двајца или тројца луѓе кои стануваат муслимани овде. На пример, дојдоа луѓе од Канада, фасцинирани од убавината на Аја Софија одлучија да го истражат исламот. Потоа дојдоа и рекоа: Сакаме токму тука да го прифатиме исламот. Голем број се и паровите од сите делови на Турција и Европа кои сакаат верската венчавка да ја направат во Аја Софија“, рече Муштуер.
„Аја Софија“ во Истанбул беше повторно отворена за верски церемонии на 24 јули 2020 година, по цели 86 години. Тој ден, „Аја Софија“ беше отворена за џума намазот (петочната молитва).
„Аја Софија“ како црква служеше 916 години, до освојувањето на Истанбул, додека статус на џамија имаше од 1453 до 1934 година, кога доби статус на музеј.
Турскиот суд на 10 јули 2020 година ја поништи одлуката на поранешната влада на Турција, со која на „Аја Софија“ ѝ беше доделен статус на музеј на 24 ноември 1934 година. Со поништувањето на споменатата одлука, на „Аја Софија“ ѝ е вратен статусот на џамија.
Како една од најпосетуваните туристички дестинации во градот на Босфорот, „Аја Софија“ од 1985 година е вклучена на листата на светско наследство на УНЕСКО.