Ebru Şengül Cevrioğlu
04 Мај 2020•Ажурирај: 06 Мај 2020
ИЗМИР (АА) - Турските истражувачи открија нов, уникатен метод за истражување на потенцијалните резерви на нафта и природен гас преку испитување на природните подземни води, јавува Агенција Анадолија (АА).
Овој метод може да се примени во области што одговараат на одредени специфични критериуми кои овозможуваат утврдување на резервите на нафта и гас преку испитување на нивото на TPH (вкупниот износ на нафтени јаглеводороди) во подземните води, изјави за Агенција Анадолија Атила Караташ, вонреден професор на Катедрата за географија при Универзитетот „Мармара“.
Караташ објасни дека овој метод на испитување на подземните води не е толку скап како тешките конвенционални методи на кои досега се концентрирала Турција, и кои не секогаш се покажуваат за успешни.
„Областите со јаглеводороди во Турција се различни од оние низ светот во многу аспекти, и затоа потребен ни е нов метод за нивно проучување. Преку овој нов метод, започнавме истражувања за испитување и земање примероци од природните подземни води од идентификуваните области според нивните палеогеографски, геолошки и тектонски карактеристики“, објасни тој.
Со финансиска поддршка за овие истажувања од Универзитетот „Мармара“ и Техничкиот универзитет во Истанбул, веќе започнаа теренските истражувања во Измир, Бурса, Анкара, Нигде и Невшехир, со ветувачки резултати.
„Испитавме речиси 25-30 примероци од секоја област. Овие примероци веќе се проучени во меѓународно акредитирани лаборатории“, рече Караташ.
- „Турција има голем потенцијал во резерви на нафта и гас“ -
Јилдирај Палабијик, доцент на Катедрата за инженерство на нафта и природен гас во Истанбул, истакна дека со истражувањето спроведено во целните области во Турција, ги потврдиле новите откритија на нафта и гас.
„Ние спроведовме сеопфатно истражување во областите што може да имаат ветувачки потенцијал на резерви и селектиравме локации за земање на примероци од вода. Овие области не се избрани случајно, туку спротивно, тоа се области со многу голема геолошка основа. Резултатите откриваат дека овие води имаат високо ниво на TPH и покажуваат дека Турција има голем потенцијал во резерви на нафта и гас“, рече тој.
Според Палабијик, активностите за истражување на јаглеводороди во Турција главно се фокусираат на области на југоистокот и регионот на Тракија, каде што првите имаат скоро 2 милијарди барели резерви на нафта, но тешко е овие резерви да се покажат со употреба на конвенционалните методи.
- Се очекува вклучување на властите во истражувањата поврзани со дупчењата“ -
Геологот Адил Оздемир, ја истакна економичноста на новиот метод во споредба со конвенционалните методи, со кој се предвидува да се намалат трошоците за истражување за најмалку 50 отсто, притоа обезбедувајќи стопроцентна сигурност.
Оздемир ја истакна и важноста на поддршката од јавниот и приватниот сектор за спроведување на овие истражувања во секоја област во опсег од 20 до 50 километри.
„Нашите очекувања од владата е да спроведе дупчења во наведените полиња кои веќе се испитани од национални и меѓународни лаборатории. Овие дупчења треба да се изведат на длабочина од 1.000, 750 и 500 метри, наместо на длабочина од 2.000 или 1.000 метри“, заклучи тој.