Erdal Türkoğlu,Hilmi Tunahan Karakaya
19 Јануари 2018•Ажурирај: 19 Јануари 2018
ХАТАЈ (АА) - Единиците на турските командоси се распоредени денес во пограничната област Хатај на јужниот дел на Турција во пресрет можната воена акција против терористичка организација ПЈД/ПКК во Африн, на северозападниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Командосите кои допатуваа во пограничното подрачје со 10 автобуси, распоредени се во единици сместени долж границата со Сирија. Подигнати се и нови воени кампови во населбите Хаса и Кирхан.
Граѓаните на населбите во Хатај закачија турски знамиња на покривите на нивните куќи во знак на поддршка на вооружените сили.
Од друга страна, единиците на руската воена полиција распоредени во Африн попладнево започнаа со повлекување од тој регион во пресрет најавената офанзива на турската војска на припадниците на терористичката организација ПЈД/ПКК.
Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Турција, армискиот генерал Хулуси Акар и шефот на разузнавачката служба Хакан Фидан престојуваа вчера во посета на Москва каде ги прими врховниот командант на руската војска, генералот Валери Герасимов.
Турските вооружени сили (ТСК) гранатираа денес позиции на терористичката организација ПЈД/ПКК на северозападниот дел на Сирија.
ПЈД е сириски огранок на ПКК која е на листа на терористички организации во Турција, САД и ЕУ.
Во вооружената терористичка кампања која ПКК ја води против турската држава од осумдесетитте години се убиени околу 40 000 лица.
Турција неодамна најави воена акција на Африн, северозападниот дел на Сирија, во регионот кој граничи со турските области Хатај и Килис. Се работи за регион кој силите на сирискиот режим на Башар ал Асад без борба го предаа под контрола на терористичката организација ПЈД/ПКК, а во регионот моментално се наоѓаат меѓу осум и десет илјади терористи.