Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
03 Април 2021•Ажурирај: 04 Април 2021
АНКАРА (АА) - Турција денес упати критики во однос на идеализацијата на ЈПГ/ПКК во Сирија од страна на Западот, потсетувајќи дека терористичката организација киднапираше илјадници млади лица само во изминатиот месец, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Терористичката организација ЈПГ/ПКК киднапираше 2.700 млади луѓе во сириската покраина Ал Хасека, само во март“, истакна портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, преку Твитер, додавајќи дека овие несреќни млади луѓе се одведени за да станат терористи.
„Толку од идеализацијата и романтизмот на Западот за ПКК во Сирија. Дали нивните поддржувачи ќе кажат збор? Веројатно не, повторно“, додаде Калин.
Во јануари, терористичката ЈПГ, инаку сириски огранок на терористичката организација ПКК, насилно регрутираше над 150 млади луѓе од Деир ез-Зор, источна Сирија.
Документирајќи ги кршењата на правата на цивилите, во извештајот објавен на 18 февруари, Сириската мрежа за човекови права соопшти дека терористичката организација притворила најмалку 61 наставник во јануари и февруари.
Во извештајот се вели дека ЈПГ/ПКК гонела речиси 550 наставници што живеат во Деир ез-Зор, Рака и Ал Хасека, кои одбиле да ѝ се приклучат на терористичката организација.
Турција особено ги осуди САД за давањето поддршка на ЈПГ/ПКК, наводно за борба против ДЕАШ. „Поддршката на една терористичка организација во борбата против друга нема никаква смисла“, нагласуваат турските власти.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која е на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на 40.000 луѓе, вклучувајќи жени и деца. ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК.