Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
08 Септември 2020•Ажурирај: 09 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Директорот на Канцеларијата за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, доцна синоќа ги повика саудиските власти „да соработуваат во тековната истрага за убиството во Турција“ на новинарот Џамал Кашоги, јавува Агенција Анадолија (АА).
Саудискиот суд во Ријад вчера осуди осум лица во случајот за убиството на Кашоги, кој беше убиен во Конзулатот на неговата земја [Саудиска Арабија] во Истанбул пред речиси две години.
Алтун преку Твитер порача дека конечната пресуда „во врска со егзекуцијата на новинарот Кашоги во Конзулатот на Кралството во Истанбул, во Турција, не ги исполни очекувањата на Турција и меѓународната заедница“.
„Сè уште не знаеме што се случило со телото на Кашоги, кој сакаше да биде мртов и дали имало локални соработници - што фрла сомнеж во веродостојноста на правната постапка во Кралството Саудиска Арабија“, додаде тој.
Алтун понатаму истакна дека „законска и совесна обврска е да се расветли убиството на Џамал Кашоги, извршено во границите на Турција, и да се реализира правдата“.
„Тоа е единствениот начин да се осигури дека случувањето на слични злосторства може да се спречи во иднина.“
Полудржавниот телевизиски канал „Ал-Арабија“ објави дека пет лица се осудени на 20 години затвор, додека три лица добиле затворски казни од седум до 10 години.
Кашоги, колумнист во весникот „Вашингтон пост“, беше убиен, а неговото тело исечено на парчиња од саудиска оперативна група, непосредно откако влегол во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул на 2 октомври 2018 година.
Претходно, истражителката за човекови права на ОН, Агнес Каламард, исто така, ја нарече саудиската пресуда за убиството на новинарот Џамал Кашоги во Истанбул во 2018 година „пародија на правдата“, која поштедила „заговорници од високо ниво“.