Miraç Kaya,Suat Salgın
27 Јули 2022•Ажурирај: 28 Јули 2022
БАЛИКЕСИР (АА) - Шестмина припадници на терористичката организација ФЕТО се фатени во западниот турски град Баликесир при обид на илегален премин на грчкиот остров Лезбос, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од Кабинетот на гувернерот на Баликесир е наведено дека припадниците на турската жандармерија и крајбрежната стража фатиле шестмина припадници на терористичката организација ФЕТО во обид на бегство во Грција. Станува збор за лица кои поради членувањето во терористичката организација ФЕТО се суспендирани од службата. Се дознава дека станува збор за суспендирани воени лица и затворски чувари.
По криминалистичкото процесуирање осомничените се проследени до Обвинителството, а судот за четворица осомничени одреди притвор.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, а чија екстрадиција Туркије официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, со местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се така во институциите на земјата. Потоа, најпрво во декември 2013 година, следбениците на ФЕТО во правосудството на Туркије со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Туркије, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските власти. Во обидот за пуч во Туркије загинаа 251 лице, а ранети беа 2.734 лица.