СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ
Проф. д-р Џем Зорлу – претседател на Управниот одбор на фондацијата „Маариф“ Турција (TMV), за време на посетата на Македонија изјави дека Балканот е од посебно значење за оваа фондација.
Проф. д-р Зорлу во разговор за Anadolu Agency (AA) зборуваше за активностите на фондацијата Маариф во Македонија и на Балканот.
Тој потсети дека оваа фондација е формирана минатата година во јуни, а своите активности ги започнала пред 7 месеци. Исто така, посочи дека основната цел на фондацијата е во секоја земја од светот да учествува во образовниот систем и да има свои активности од градинките и предшколското образование, до универзитетското образование.
Покрај активностите во образованието и обуката, проф. д-р Зорлу изјави дека фондацијата ќе биде активна и на полето на културата и спортот. Со цел да ги претстави активностите на фондацијата „Маариф", проф. д-р Зорлу рече дека досега посетил околу 60 земји и одржал средби со официјалните претставици на тие земји.
Тој истакна дека дел од активностите на фондацијата е и преземањето чекори против терористичката организација ФЕТО.
„Како што знаете, ФЕТО е терористичка организација чиишто организации покажуваат активности на полето на образованието и обуката во повеќе од 160 земји во светот. На средбите со владините претставници, претседатели, премиери и министри, им предочувам дека ФЕТО има скриен план во секоја земја во која се наоѓа. На 15 јули минатата година, Турција се соочи со обид за државен удар, во кој животот го загубија 250 турски државјани, а околу 2.500 беа повредени. Наша цел е во разговорите со владините и државните претставници да им посочиме дека постои можност слично нешто да се случи и во нивните земји од страна на организациите на ФЕТО“, вели проф. д-р Зорлу.
Проф. д-р Зорлу рече дека нивните предупредувања се со цел предавничкиот обид за државен удар што се случи во Турција да не им се случи и на другите земји во коишто ФЕТО има свои институции за образование и обука.
„На нашите пријатели постојано им го повторуваме следното. Им велиме дека не можеме да дадеме гаранција дека предавничкиот обид за државен удар што ѝ се случи на Турција, нема да се случи и во нивните држави, во кои опстојуваат организациите на ФЕТО. Она што ние го преживеавме, таа агонија, немојте и вие да ја преживеете. Сѐ знае дека тоа е терористичка организација. Гнездата на оваа терористичка организација, нивните образовни институции во коишто ги покажуваат своите активности, отстапете ѝ ги на фондацијата 'Маариф', која е подготвена да работи со нив“, рече проф. д-р Зорлу.
Тој истакна дека имаат позитивни реакции на нивните повици и со текот на времето очекува овие образовни институции да бидат префрлени на „Маариф“. Досега, како фондација „Маариф“ раководат со активности на полето образование и обука во 5 земји во светот и веќе ги имаат првите ученици што го завршиле своето образование.
- Балканот е од посебно значење за фондацијата „Маариф“
Зборувајќи за активностите на фондацијата Маариф во различни земји од светот, проф. д-р Зорлу истакна дека Балканот е од посебно значење за оваа фондација.
„Така е бидејќи со овие простори имаме историска поврзаност, историски продлабочени врски и пријателство. Таква релација имаме со повеќе земји, но Балканот е посебен. Затоа фондацијата 'Маариф' поведе иницијатива за свои активности во сите земји од Балканот. Во моментов, испративме свои претставници во речиси секоја земја од Балканот. Отворивме свои претставништва и вложуваме напори за следната учебна година да имаме свои активности во речиси сите балкански земји“, рече проф. д-р Зорлу.
Тој изјави дека во тие рамки ќе ги посети сите балкански земји, а патувањето го започнал од Македонија, и додава дека на тој начин одблиску ги следи активностите во подрачјето.
Проф. д-р Зорлу изјави дека идната година посакува во Македонија, БиХ, Црна Гора, Косово, Албанија и во Романија да отворат образовни институции на различни нивоа и да раководат со нив, и истакна дека основната цел на активностите на фондацијата „Маариф“ на полето на образованието и обуката во овие земји е да се зацврстат пријателските и братски чувства, духот на солидаризацијата и историската поврзаност.
Тој исто така рече дека „Маариф" е фондација којашто законски е формирана од страна на Република Турција и нејзиниот буџет во потполност е покриен од страна на државата, истакнувајќи дека оваа фондација целосно е поврзана со официјалните државни институции во земјите во коишто има активности на полето на образовнието.
- Очекуваат поддршка од пријателските и братски земји
Проф. д-р Зорлу посочи дека очекува поддршка од пријателските и братски земји. „Од нашите пријатели во Македонија, од Владата, Министерството за образование, државните претставници, политичарите, очекуваме да ја дадат својата поддршка, за да може колку што е можно побрзо, фондацијата 'Маариф' да ги отвори своите образовни институции во оваа земја“, изјави проф. д-р Зорлу.
Тој нагласи дека ќе оствари средби со официјалните претставници на БиХ, Црна Гора, Косово и на Албанија, и посочи дека во дел од овие земји планирале активности на полето на образованието и обуката уште минатата година.
Проф. д-р Зорлу рече дека посакува фондацијата „Маариф“ и во Македонија да постои како образовна институција. Тој соопшти дека од следната година започнуваат со активности на полето на образованието и обуката со основно училиште и гимназија во Косово.
Зборувајќи за наставната програма во училиштата што ги отвориле во другите земји, проф. д-р Зорлу рече:
„Како Фондација 'Маариф' Турција, можеме да кажеме дека во училиштата во сите држави во коишто имаме образовни институции, ја спроведуваме локалната наставна програма и го користиме јазикот на државата. Надвор од наставната програма, особено значење му придаваме на образованието и обуката на англиски јазик, како интернационален јазик. Освен тоа, се изучува и турскиот јазик. Во сите наши училишта, како надополнување на наставната програма имаме интензивна програма по англиски, програма по турски јазик, а наставната програма ја надополнуваме и со различни културни и социјални активности“.