Stipe Majic
04 Март 2019•Ажурирај: 05 Март 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Конференцијата „Хрватска каква што ни треба - две години подоцна“ во Загреб со воведни говори ја отворија хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, на конференцијата истакна дека е „добро што медиумите не се само дистанцирани критичари на состојбите во државата, туку и активни учесници во изнаоѓањето најдобри решенија за иднината на хрватското општество“.
Таа оцени дека Хрватска две години по одржувањето на првата ваква конференција стои добро на меѓународен план, но не и на внатрешниот план за развој.
„Она што го постигнавме на макроекономски план луѓето мора да го почувствуваат и на своите банкарски сметки. Тоа значи дека луѓето мора да почувствуваат дека имаат поголема куповна моќ, подобар животен стандард, но и поголем оптимизам и надеж за подобри текови, и во подобар правец на хрватската држава“, порача Грабар-Китаровиќ.
Грабар-Китаровиќ смета дека Хрватска за подобар стандард на граѓаните треба да оствари раст на БДП за најмалку пет отсто, оценувајќи дека тоа е реално остварливо со спроведување на одредени реформи.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во своето обраќање предупреди на важноста од создавање подобар образовен систем за младите преку реформа на образованието, зајакнување на солидарноста со најслабите во општеството, поголема вработеност на работоспособното население, зголемување на пензиите и надоместокот за деца, со цел зајакнување на демографската слика на земјата.
Тој порача дека реформите на правосудството се важни за довербата на граѓаните во државата и истакна дека е намален бројот на судовите и е рационализирано траењето на судските процеси, а паралелно со тоа, намален е и бројот на блокирани граѓани и бројот на запленувања.
Пленковиќ оцени дека во Хрватска се спроведени бројни економски реформи кои вродиле со намалување на јавниот долг.
„За две години излеговме од процедурата на буџетскиот дефицит, а сега изглеговме од процедурите за макроекономски нерамнотежи. Сега сме заедно со Ирска, Германија, Франција, Холандија и други“, рече хрватскиот премиер.
Тој најави дека целта на Хрватска е влез во Шенген-зоната и воведување на еврото во текот на следниот мандат на Европскиот парламент (ЕП).
Како непроценливи придобивки од членството во Европската Унија (ЕУ), Пленковиќ ги наведе изградбата на Пељешкиот мост со 357 милиони евра неповратни средства од фондовите на ЕУ, како и изградбата на терминалот за течен природен гас на островот Крк.
Пленковиќ нагласи дека е потребно без популизам да се држи насоката која Хрватска ја зацртала пред триесет години, а тоа е, меѓу другото, членството во ЕУ и НАТО.