Bekim Laci
01 Август 2018•Ажурирај: 01 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот на Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со посебниот советник на претседателот на Владата за евроатлантски интеграции, Бојан Маричиќ, го претстави концептот на преговарачката структура за пристапувањето на Република Македонија кон Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Османи, на прес-конференција истакна дека Македонија длабоко навлезе во подготовките за една од најголемите административно-државни опции во преговорите за членство во ЕУ.
Османи нагласи дека по инструкциите кои ги добила од еврокомесарот Јоханес Хан, Владата на Македонија вчера ја одобри преговарачката структура составена од некои основни тела кои ќе го заштитат принципот на праведно застапување, врз кое ќе се организира државата во процесот на преговорите со ЕУ, и ги одобри заклучоците од овие преговори.
Како што рече Османи, првата, координативната група на Владата, ќе ги одреди преговарачките позиции на земјата и ќе треба да обезбеди процес без пречки, а во неа ќе бидат присутни премиерот и министрите, додека третата група, која е преговарачка група, одговорна е за техничкото ниво на сите нивоа, а ќе се предводи од страна на Маричиќ.
Дел од групите, рече Османи, ќе бидат и членовите на академската заедница и експерти од цивилниот сектор за да се обезбеди еден успешен процес, кој ќе ѝ овозможи на земјата трансформирање на институциите и политиките според европските стандарди.
„Преку оваа трансформација ќе ги реализираме нашите основни цели за што имаме непобитен консензус. Тие се создавање на функционална мултиетничка демократија, општество со подобри услуги за граѓаните, подобро здравство, поквалитетно образование и поефикасна админстрација“, нагласи Османи, додавајќи дека ова ќе се рефлектира и во економскиот пораст, и во странските инвестиции.
Посебниот советник на претседателот на Владата за евроатлантски интеграции, Бојан Маричиќ, истакна дека преговарачката група, која ќе брои 35 членови, ќе биде одговорна за техничкото ниво и експерт на преговорите за сите поглавја.
„Дел од овие работни групи, оние кои први ќе го почнат скринингот, ќе бидат формирани во почетокот на септември, а сите 35 ќе се комплетираат до крајот на октомври 2018 година. На крајот само би кажал три пораки кои ќе се надоврзат на пораките на главниот политички претседавач, потпретседателот Османи. Ова ќе биде долготраен, тежок и макотрпен процес кој ќе бара многу институционална работа, но и многу тешки политички одлуки. Сепак, секоја жртва ќе вреди, бидејќи ова е процесот на европеизација која нема само да ја внесе Република Македонија во ЕУ, туку и ќе ја донесе ЕУ во Македонија“, рече Маричиќ.