Fatjon Cuka
28 Март 2020•Ажурирај: 28 Март 2020
ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Претставниците на државниот врв на Албанија и на Косово упатија честитки по повод официјалното членство на Северна Македонија во НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Овластениот министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, го поздрави членството на Северна Македонија во НАТО. Цакај на социјалните мрежи реагираше во врска со членството на соседната земја во Алијансата.
Тој рече дека е среќен што во НАТО Алијансата ја пречекуваат 30. членка.
„Честитки до нашиот ценет сосед, Северна Македонија, за ова историско достигнување. Заедно сме посилни и ќе придонесеме во регионалната безбедност и стабилност“, напиша Цакај.
- Тачи: „Честитки до нашиот пријател и сојузник Северна Македонија"
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, во објава на социјалните мрежи истакна дека Косово го следи примерот на Северна Македонија на нејзиниот пат на ова членство, со цел да придонесува во глобалната безбедност.
„Честитки до нашиот пријател и сојузник, Северна Македонија, за официјалното членство во НАТО. Ова е важен момент за безбедноста и стабилноста во регионот. Косово ќе го следи овој пример и ќе продолжи да работи за членството во НАТО за да даде придонес во глобалната безбедност“, нагласи Тачи.
Од друга страна, според соопштението објавено од кабинетот на Премиерот на Косово, премиерот на оваа земја Албин Курти, упати честитки до соседната земја, каде рече дека живеат и голем број Албанци.
„Денес нашиот сосед, Северна Македонија, стана 30. членка на воената алијанса НАТО која обезбедува безбедност и одбрана за демократијата. За Косово ова е среќен настан, бидеќи носи многу безбедност во соседството, и на далеку ја држи можноста за интервенции од другите сили. Тоа е позитивен настан и за Албанците, бидејќи Северна Македонија е земја во која живеат голем број наши сонародници (Албанци)“, истакна Курти, изразувајќи надеж дека и Косово ќе стане членка на НАТО.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска истакна дека Северна Македонија стана 30. членка на НАТО по завршување на сите официјални процеси.
Потсетуваме, Протоколот за пристапување меѓу НАТО и Северна Македонија беше потпишан на 6 февруари 2019 година.
Во Собранието на Република Северна Македонија на 11 февруари оваа година на свечена седница го ратификуваше Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.
Северна Македонија на 12 јули 2018 година на Самитот на НАТО во Брисел доби повик да стане членка на Алијансата. Потоа, Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО е потпишан во седиштето на НАТО во Брисел во февруари минатата година. Оттогаш почна процесот на ратификација на овој Протокол во парламентите на земјите членки на Алијансата, а беше финализиран на 17 март со ратификацијата на Шпанија.