Adel Omeragic
28 Март 2021•Ажурирај: 29 Март 2021
ПОДГОРИЦА (АА) - Контингент од 24.000 дози од вакцината на АстраЗенека пристигна денес во Црна Гора, благодарение на набавката што ја спроведе црногорското Министерство за здравство во рамките на механизмот Ковакс, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ова е прва испорака, а се очекуваат дополнителни количини во наредниот период. Сите вакцини што се набавуваат во рамките на механизмот Ковакс се одобрени од СЗО, како водечка организација на системот на Обединетите нации што се занимава со безбедноста на вакцините.
„Огромно ми е задоволството што денес можам да ја информирам црногорската јавност дека штотуку пристигнаа 24.000 дози од вакцината на АстраЗенека од иницијативата Ковакс, што претставува првиот контингент од вкупно 84.000 дози што ќе пристигнат во Црна Гора“, изјави министерката за здравство Јелена Боровиниќ-Бојовиќ.
Амбасадорката на ЕУ во Црна Гора, Оана Кристина Попа, истакна дека е многу среќна што Црна Гора денес доби ковакс-вакцини што ќе помогнат масовната вакцинација да започне што е можно побрзо.
„ЕУ е еден од најголемите донатори на оваа глобална иницијатива и задоволство е да се види дека таа функционира и обезбедува ефикасни и безбедни вакцини. Имунизацијата е најдобриот начин да се запре пандемијата и да се заштитат граѓаните на Црна Гора, особено најранливите. Сите сме во оваа незапаметена здравствена криза заедно и никој не е безбеден сè додека сите не бидат безбедни“, рече Попа.
Британската амбасадорка во Црна Гора, Карен Медокс, рече дека е многу горда што е тука да ја дочека оваа пратка на вакцината развиена од Универзитетот „Оксфорд“, најдобриот универзитет во светот, и АстраЗенека.
Таа истакна дека вакцината на АстраЗенека веќе спасува животи во Велика Британија.