Ayhan Mehmet
24 Мај 2023•Ажурирај: 25 Мај 2023
АТИНА (АА) - Претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, се состана со лидерите на политичките партии во врска со формирањето влада по парламентарните избори одржани на 21 мај во Грција, јавува Анадолу.
Сакеларопулу во претседателскиот кабинет ги покани лидерите на политичките партии што имаат група во Парламентот врз основа на резултатите од изборите.
Состанокот на грчката претседателка со лидерите на политичките партии траеше околу половина час.
По состанокот, лидерите не дадоа некаква изјава.
Според соопштението на претседателскиот кабинет, Сакеларопулу денес ќе се сретне со Иоанис Сарма, претседател на ревизорскиот суд.
Сарма се очекува да биде назначен за премиер на привремената влада во земјата.
Неофицијалните резултати покажаа дека Нова демократија освоила 40,8 отсто од гласовите, добивајќи 146 пратенички места, а по неа е Сириза на поранешниот премиер Алексис Ципрас со 20,06 отсто, добивајќи 71 пратеничко место.
Резултатите објавени од Министерството за внатрешни работи покажаа дека социјалдемократската ПАСОК-КИНАЛ освоила 11,65 отсто, добивајќи 41 пратеничко место.
- Што понатаму за Грција?
И покрај големата победа, партијата на Мицотакис нема да може сама да формира влада поради последните промени во грчкиот изборен систем.
Ако партиите не можат да постигнат договор, претседателката ќе одржи последен состанок со лидерите во обид да се формира влада или да се финализира привремена администрација за да се пречека уште еден круг избори.
Во случај и понатаму да нема договор, таа ќе назначи техничка влада што ќе ја води Грција до новите избори, што би се одржале на 25 јуни.
Висок судски претставник, кој мора да биде шеф на еден од трите најголеми судови во Грција, ќе биде назначен за технички премиер.
Во вториот круг системот ќе се насочи на полупропорционална застапеност.
Според овој систем, победничката партија добива бонус од 20 места ако има најмалку 25 отсто од гласовите и до 50 места доколку има околу 40 отсто.