Besar Ademi
30 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Од Државната изборна комисија (ДИК) на Македонија објавија дека на референдумот за спорот со името и членство во НАТО и Европската Унија (ЕУ) до 11:00 часот правото на глас го искористиле 8,03 отсто од вкупниот број на регистрирани гласачи, јавува Anadolu Agency (AA).
На втората прес-конференција од вкупно шест што ќе се одржат во текот на денот, на кои ќе се информира околу процесот и излезноста на гласачите, портпаролите на ДИК, Адмир Шабани и Љупка Гугучевска, истакнаа дека оваа стапка на излезност на гласањето е од 92,06 отсто обработени податоци од избирачките места низ Македонија.
„Гласањето се одвива на потребниот начин и без никакви нерегуларности. Според собраните податоци од 92,06 отсто од гласачките места, излезноста на гласачите до 11 часот е 8,03 отсто“, рече Шабани.
Шабани нагласи дека до 11 часот до ДИК биле поднесени седум приговори, од кои три се отфрлени, а другите четири се обработуваат.
Вкупно 1.806.836 гласачи во Македонија до 19:00 часот ќе имаат право на глас во 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата.
Прашањето на референдумот, кој е трет по ред на државно ниво во текот на 27 години независност на Македонија, гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“.
Референдумот се одржува по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ.