Admir Fazlagic
13 Октомври 2017•Ажурирај: 14 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Делегацијата на Европската унија (ЕУ) и амбасадите земји-членки на ЕУ во Македонија, во пресрет на локалните избори преку заедничка изјава порачаа дека локалните избори во Република Македонија коишто ќе се одржат на 15 и на 29 октомври оваа година се можност да се потврди посветеноста на демократските вредности, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Локалните избори на 15 и 29 октомври се можност за граѓаните да ги изразат своите гледишта за правецот во кој нивните општини треба да се движат во иднина. ЕУ ги охрабрува политичките лидери, нивните партии како и релевантните чинители да го искористат изборниот процес за да ја потврдат и покажат својата посветеност на демократските вредности и владеење на правото", се наведува во заедничката изјава на Делегацијата на ЕУ и на Амбасадите на земјите- членки на ЕУ во пресрет на локалните избори во земјата.
Меѓудругото, се повикуваат политичките лидери и партиските членови да овозможат одржување на избори без заплашување и насилство.
„Потсетуваме на важноста да се направи јасна поделба меѓу државните и партиските активности и ресурси пред, за време на, и по изборите. Ги повикуваме медиумите да им обезбедат на граѓаните разновидно и објективно информирање кое им е потребно за да донесат информирана одлука на Денот на Изборите. Ја подвлекуваме важноста од меѓународни наблудувачи на изборите, особено на ОБСЕ/ОДИХР", стои во изјавата.
На крајот, се истакнува дека гласот на секој граѓанин е важен и се повикуваат сите граѓани да го исполнат своето демократско право на глас и на тој начин да ја обликуваат иднината на своите општини.
Потсетуваме, првиот круг од локалните избори во Република Македонија ќе се одржи на 15-ти, а вториот на 29-ти октомври оваа година.